Во потрага по достојни услови за студентите, ја бараме вистинската визија за иднината на младите во Македонија. Ако сме решени да ја водиме земјата кон Европа, време е да ги отвориме очите кон реалноста во која нашите студенти живеат. Оваа колумна се стреми да го истакне итниот повик за промени – за достоинствен студентски живот, за исполнети ветувања, и за создавање иднина во која младите ќе го гледаат својот дом како место на надеж и просперитет
Македонија, како земја што тежнее кон европска иднина, има одговорност да обезбеди основни, достојни услови за своите студенти. Меѓутоа, годините на игнорирање и неисполнетите ветувања оставија длабок печат на нашите студентски домови, во кои условите се далеку од европските стандарди. Сликите од обраснатите ѕидови со мувла, старите, скршени прозорци, мебелот од пред неколку децении, нечистите тоалети и храната што често не ги задоволува дури и минималните потреби за здрав оброк, не се само технички недостатоци; тие се симбол на системска небрежност кон младите.
Во 12 години на владеење, ВМРО-ДПМНЕ под водство на Груевски успеа да реновира мал дел од студентските домови, и тоа кон крајот на третиот мандат. Од друга страна, СДСМ при своето доаѓање на власт ветуваше дури и изградба на студентски град – проект што никогаш не се реализираше. Седум години подоцна, студентите и нивните родители сè уште чекаат на исполнување на ова ветување, гледајќи како времето минува, а нивните услови за живот се влошуваат.
Студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, кој долго време е симбол на студентската негација, повеќе од четири години има една од своите згради целосно затворена и нереновирана. Гледајќи како надежите и ветувањата се разлеваат како песок низ прсти, младите продолжуваат да ја напуштаат земјата во потрага по подобри услови за живот, поддршка и можности за професионално надградување. Во странство, младите добиваат не само достоинствени услови за живот и студирање, туку и поддршка преку стипендии и отворен пат кон професионална реализација, нешто што во Македонија остана недостижно за многумина.
Младите се иднината, не само на Македонија туку и на секое општество што има визија за прогрес. Доколку Македонија навистина тежнее кон ЕУ и вистински европски стандарди, приоритет мора да биде создавање достојни услови за идните генерации, кои во себе носат потенцијал за промени. Владите треба да престанат со празни ветувања и да започнат со конкретни дела. Само така младите ќе поверуваат дека оваа земја навистина има визија за нив, дека Македонија не е само место на минатото, туку и можност за иднината.
Во своите последни изјави, премиерот Мицкоски најави 18 милиони евра за нови проекти во делот на студентските домови, кои конечно треба да понудат достоинствени услови за живот и учење. Дополнително, најавените 10 милиони евра за поддршка на старт-ап бизниси на младите ќе обезбедат поттик за отворање нови, иновативни компании, давајќи им на младите шанса да создаваат и градат во својата татковина.
Иднината на Македонија е во нејзината младина. Со поддршка, креативност и инвестирање во услови што се клучни за нивниот раст, не само што ќе ги задржиме младите тука, туку и ќе ги поттикнеме да бидат активни чинители на општествените промени што ги посакуваме. Младите мора да бидат централниот фокус на сите владини политики, затоа што само преку нив ќе ја постигнеме европската визија кон која тежнееме.
Имајќи ги предвид најавените проекти, можеме да се надеваме дека оваа Влада навистина ќе го исполни она што го ветува – дека конечно ќе го постави фокусот на младите и на нивните потреби. Иднината на Македонија лежи токму во тие млади луѓе, во нивниот ентузијазам, идеи и способност да донесат свежина и промени во општеството. Само преку обезбедување на вистински, достојни услови за нивен развој и просперитет, нашата земја може да тргне напред, кон подобра иднина.
Затоа, останува надежта дека преку овие иницијативи и вложувања ќе се изгради едно поинакво општество, кое не само што ќе ги задржи младите тука, туку и ќе им овозможи да создаваат, да успеваат и да го градат својот живот во својата татковина. Ова е момент кога треба да се обединиме и да инвестираме во генерациите што доаѓаат, зашто само на тој начин Македонија ќе обезбеди поквалитетна иднина и за младите, и за државата.