11.8 C
Skopje
Wednesday, December 11, 2024

Сиљановска и Радев се сретнаа во Баку: Отворени ви се вратите во Скопје

„Заедно со вас, можеме да го поставиме тонот за односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во главниот град на Азербејџан – Баку. На почетокот на разговорот, Радев ѝ се заблагодари за поканата за средбата и изјави дека тоа е важно продолжение на „нашите многу отворени и пријателски односи“. Сиљановска во Баку во својство на „домаќинка“ го пречека бугарскиот претседател и разговорите ги водеа на мајчините јазици.

„Важно е што имаме да си кажеме. Нашите разговори се многу пријателски и многу значајни. И многу се радувам што ние заедно со вас можеме да го поставиме тонот на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Тон на соработка, разбирање и меѓусебно почитување“, рече Радев за БНТ.

Претседателката Гордана Сиљановска според бугарските медиуми се согласила со ова и изјавила дека и таа мисли така. Таа рече дека во Бугарија сè е менливо освен претседателот.

„Вие сте најстабилниот елемент во државата и мислам дека сте вистински избор за разговор. Тоа не го кажувам само јас, туку го чув и од многу наши колеги“, рече претседателката.

Румен Радев посочи дека би бил среќен доколку луѓето од Бугарија и оние од Северна Македонија имаат поголема можност да комуницираат меѓу себе во послободна атмосфера.

„Треба да се развива бизнисот меѓу двете држави, побрзо да падне границата, а таа ќе падне побрзо кога Северна Македонија час поскоро ќе стане членка на Европската Унија и сите го чекаме тоа. Знаете дека Бугарија ви помага за тој развој“, нагласил Радев.

-Најважното е народите да ни комуницираат и мојата убава вест, радосна вест е кога ја добив таа луксузна публикација од професорот Карталов за улогата на бугарската опера во културната дипломатија и кога видов дека цел еден дел е посветен на гостувањата на нашите опери сфатив дека ние ги претставуваме граѓаните, значи треба да ги следиме граѓаните. И таму им се радуваа на македонските оперски пејачи кои беа инспирирани и во Скопје на извонредните бугарски оперски пејачи. Ете тоа покажува дека треба да го следиме ритамот на граѓаните, а бугарските и македонските граѓани се разбирале и ќе се разбираат. Ако се разбираат тие, треба и ние да ја разбереме нивната потреба едни од други – рече Сиљановска на средбата со Радев.

Двајцата го истакнаа значењето на културните врски меѓу двете земји, потсетувајќи на неодамнешната посета на македонската претседателка на Бугарија, кога ја посети бугарската опера. Во овој контекст, Гордана Сиљановска изјави дека во Скопје се отворени вратите за посетата на бугарскиот претседател.

„Отворени ви се вратите и државните и народните за да дојдете во Скопје и да покажеме дека не сме само едни покрај други со границите, туку сме биле и ќе бидеме едни со други“, му рече Сиљановска Давкова на Радев.

Од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, вчера информираа за нејзината средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку.

поврзани објави

Последни објави