Во разговор со пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој престојуваше во Соединетите Американски Држави како дел од мисијата за набљудување на изборите во рамки на Election Observation Mission на ОДИХР-ОБСЕ, добивме можност да дознаеме повеќе за целта на оваа посета, неговите впечатоци од актуелната состојба во САД и очекувањата по победата на Трамп за меѓународната односно светска политичка сцена.
ПОГЛЕД: Како го оценувате изборниот процес во САД според вашето искуство?
Овие претседателски избори и целиот изборен процес во САД сметам дека беа историски, можеби најважни избори по Студената војна, како за САД, така и за Европа бидејќи исходот од резултатите ќе имаат големо влијание врз американската надворешна политика, но и врз другите актуелни глобални прашања.
Генерално гледано, изборниот процес, со мали исклучоци, од почетокот на кампањата па се’ до денот на изборите, сметам дека помина во мирна, фер и демократска атмосфера каде што двата табори водеа беспоштедна битка за освојување и придобивање на што повеќе гласови на своето конто. Бевме сведоци на малку поостра политичка реторика помеѓу кандидатите, но тоа може да се оправда со фактот дека на овие избори имаше навистина тесна и непредвидлива трка помеѓу демократите и републиканците. Со оглед на големината на САД и милионските гласачи ширум земјата, беа забележани незначителен број на проблеми и инциденти кои што сепак се нормални и очекувани за еден ваков огромен изборен процес во модерна и демократска држава како што е САД. Така да, од она што можев да го забележам од лице место на денот на изборите, но и од целата кампања, овој изборен процес во една од најголемите држави во светот, би го оценил како успешен и позитивен пример, кој што многу држави во Европа и светот може да го искористат за да ги подобрат и унапредат своите изборни и демократски процеси.
ПОГЛЕД: Дали постојат значителни разлики во однос на изборниот процес во Македонија?
Да, може да се каже дека американскиот и македонскиот изборен процес многу се разликуваат и помеѓу нив постојат повеќе значителни разлики. За да добиете појасна слика во што се состои разликата помеѓу двата изборни процеси, би издвоил неколку примери.
Изборната кампања за претседателските избори во САД трае многу подолго отколку изборните кампањи во Македонија. Суштинска разлика има и во начинот на гласањето, со тоа што во САД има три главни формати на гласање и тоа, лично гласање на денот на изборите, предвремено гласање кое што е овозможено и лично и преку пошта пред денот на изборите, како и гласање по пошта не денот на изборите за оние кои не се во можност физички и лично да гласаат. И за ова, секоја држава си одредува свои специфични правила за овие начини на гласање. Конкретно, на овие претседателски избори во САД, 5-ти ноември беше денот на гласањето каде што опцијата предвремено гласање ја искористиле дури 80 милиони американци. Оваа опција на предвремено гласање има за цел да ја зголеми излезноста на гласачите. Во 47 од 50 држави сите регистрирани гласачи имаат право да гласаат предвреме освен во 3 држави кои што го дозволуваат овој процес само поради претходно строго утврдени причини, како на пример попреченоста. Победникот на изборите го одредува изборниот колеџ, а не директно граѓаните. Колеџот се состои од 538 електори, често партиски активисти, поранешни воени лица и медиумски личности, кои ја претставуваат секоја држава. Победникот мора да добие најмалку 270 од 538 електорски гласови за да се смета за конечен победник. Доколку ниту еден кандидат не го помине овој праг, одлуката ја носи Претставничкиот дом. Првичните резултати се објавуваат ноќта на изборите, додека победникот се објавува неколку дена потоа, но официјалниот резултат се објавува на 6-ти јануари за време на заедничката седница на Претставничкиот дом и Сенатот. Конечниот резултат го објавува потпретседателот, како претседател на Сенатот.
ПОГЛЕД: Кои клучни разлики ги забележавте во изборната култура и менталитетот на граѓаните во САД, во споредба со нас?
Сметам дека степенот на демократија, слободното изразување и правото на глас за нијанса се поразвиени во САД отколку во Македонија. Изборната култура и менталитетот на граѓаните на САД се барем едно скалило погоре од едноставна причина што македонското општество е длабоко и широко политизирано. Сепак, разликата во изборната култура и менталитетот на нашите граѓани наспроти граѓаните на САД, не мора секогаш да има негативен контекст и впечаток бидејќи тука во предвид мора да се земат традицијата и историјата, како и темпераментноста и пргавоста на нашите граѓани, но и на граѓаните од Балканот во целина. Од друга страна, лично сметам дека имаме и доста сличности во менталитетот и изборната култура. И двата народи важат за неуморни оптимисти и редовни гласачи кои речиси секогаш, на сите изборни циклуси тоа го покажуваат преку големата излезност на денот на гласањето.
ПОГЛЕД: Според вас, дали и како би можеле македонските институции да се инспирираат од изборниот процес во САД за подобрување на демократијата во Македонија?
Да, како што веќе кажав погоре, масивноста и обемноста на изборниот процес во една од најголемите држави во светот, можеме да го искористиме како многу успешен и позитивен пример, не само ние во Македонија, туку и многу држави ширум светот. Во зависност од нашето законодавство, во зависност од нашиот изборен модел или пак во зависност од политичкиот систем на државата, мислам дека македонските институции и сите чинители кои се дел од изборниот процес, може многу да научиме и да се обидеме позитивните примери да ги примениме и во нашиот изборен процес, со цел тој да се надгради придонесувајќи за зголемување на степенот на демократија во Македонија.
ПОГЛЕД: Какво е вашето мислење за политичката стабилност и демократијата во САД, особено во контекст на последните избори?
САД важи за држава со висок степен на толеранција, демократија и политичка стабилност иако тоа не мора да значи дека е конечна состојба, напротив тоа е жива материја која што постојано и внимателно мора да се одржува, гради и надградува. Тоа не е процес кој има почеток и крај, туку константен процес на кој мора секојдневно да се работи. Во контекст на последните избори, повторно би рекол дека американското општество има една позитивна константна линија на демократија и политичка стабилност од која што речиси и да нема помрднување, без разлика кој ја има власта во своите раце. Затоа би рекол дека во моментов, но и претходно, а сигурен сум и во иднина, САД ќе демонстрира сериозна политичка стабилност и константност, но и демократија за пример во светот.
ПОГЛЕД: Победата на Трамп веќе предизвикува промени на меѓународната сцена. Какви се вашите очекувања за односите меѓу Македонија и САД, и какви конкретни промени очекувате во поддршката за македонските евроатлантски цели и соработката во однос на економијата?
Да, точно така. Очигледно е дека убедливата победа на републиканците и Доналд Трамп малку ја подразбуди светската и меѓународната политичка сцена. Сепак, сигурен сум дека Македонија и САД, како долгогодишни стратешки партнери и сојузници, како потписници на Декларацијата за стратешко партнерство и соработка и понатаму ќе продолжат да имаат искрена, блиска и одлична соработка, со уште посилни трговски и економски односи, како и со продлабочено и проширено партнерство што се заснова на заеднички цели, вредности и интереси.
На крајот од денот, Македонија секогаш треба и мора да води паметна внатрешна и надворешна политика во интерес на своите граѓани и да гради добри односи со сите држави и нивни претставници без разлика на која политичка опција тие припаѓаат.