Ниту од СДСМ ниту од ВМРО-ДПМНЕ не ја коментираат можноста која вчера ја најави ДУИ, односно нивните министри да поднесат оставки за да се предизвика пад на владата на Димитриев и со тоа да се одблокираат закочените процеси. Од двете најголеми партии велат дека ДУИ не донела конечна одлука за да имаат коментар.
Од СДСМ оценија дека и со оставките на министрите на ДУИ не може да се предизвика побрз избор на претседател на собранието, процес кој сега е закочен. Собранието се уште не е функционално без избран спикер и не може да ги усвои оставките и да избере нови министри, сметаат од СДСМ.
Во ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека актуелната влада и сите министри се во оставка и дека министрите доколку не сакаат може да не одат на работа, а тогаш министерствата ќе бидат раководени од замениците или од државните секретари.
Од Беса синоќа во „Топ тема на ваша страна“ оценија дека оставките на министрите на ДУИ нема да донесат решение. Африм Гаши од Беса негираше дека 5-те пратеници на партијата ги повлекле потписите дадени на СДСМ за доделување на мандат за составување нова влада.
ДУИ формира комисија која ќе ги разгледа експертските ставови дали со оставка на двајца вицепремиери и 8 министри може да се одболокира политичкиот процес или само дополнително да се усложни.