7.8 C
Skopje
Tuesday, December 10, 2024

Во семејната куќа во Штип СОПРУЖНИЦИ НЕЛЕГАЛНО ОРГАНИЗИРАЛЕ ИГРИ НА СРЕЌА

Под раководство на предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на вчерашниот ден до доцните вечерни часови Единицата за финансиски истраги при МВР спроведе оперативна акција во која се приведени лица и се обезбедени бројни материјални докази. При претресите се одземени златен накит, четири ПМВ, пет моторцикли и еден четирицикл. Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, јавниот обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против две лица, додека за две лица се води скратена постапка.

Според описот содржан во диспозитивот на наредбата прво и второосомниченото лице како соизвршители во четиригодишен временски период од 01.01.2020 година до вчера, заеднички и по претходен договор, спротивно на одредбите од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во нивната семејна куќа во Штип, недозволено преку глобална интернет мрежа, организирале и приредувале интернет игри на среќа, со што сториле кривично дело Приредување на игри на среќа без лиценца односно дозвола од надлежен орган од чл.156 ст.3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри во врска со член 22 од КЗ. Двајцата сопружници откако обезбедиле средства и компјутерска опрема, ангажирале лица кои првоосомничената ги обучила за користење на платформа за опслужување на заинтересирани клиенти, а второосомничениот им давал совети и обезбедувал електронска опрема, телефонски мобилни уреди и СИМ картички за вработените со што дал особен придонес во незаконските дејствија. Со клиентите, кои морало да бидат турски државјани, комуницирале преку апликациите за контакт Skype и Whatsapp нудејќи им поволности за обложување и игри на среќа, за што според првичните сознанија осомничените добивале одреден процент во криптовалути на “Електронски паричник“ сопственост на првоосомничената.

Со намера да го прикријат изворот на парите, нелегално остварените приходи што ги примале во криптовалути, потоа ги претварале во странска валута – долари или евра и ги пренесувале на “Електронски паричник“ сопственост на менувачница за размена на криптовалути. Оттаму парите ги подигнувале во готовина, помал дел ги пуштале во промет трансферирајќи ги кон странски државјани со кои немале воспоставено должничко доверителски односи, а поголемиот дел ги внесувале во легални финансиски текови, ги уплаќале на своите денарски сметки и купувале движен и недвижен имот и водејќи луксузен живот иако биле невработени и приматели на социјална помош. Во прикривањето на изворот на парите учествувале и нивната ќерка и уште едно лице, тие примиле парични средства за кои биле должни и можеле да знаат дека се прибавени од казниво дело со приредување на игри на среќа преку глобална интернет мрежа и ги пуштиле во оптек набавувајќи две ПМВ. Со овие дејствија четворицата осомничени дека сториле кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ од чл.273 од КЗ.

Ценејќи дека се исполнети закоските услови, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје денеска ќе достави предлог за определување на мерка притвор за двајцата првосомничени и мерки на претпазливост за останатите.

поврзани објави

Последни објави