7.8 C
Skopje
Wednesday, December 11, 2024

Кларк: Излез од политичката криза е излез во интерес за земјата

Генералниот потсекретар на Обединетите нации и администратор на УНДП, во неделното интервју на Радио Слободна Европа зборува за политичката криза во државата.

Во продолжение проследете го целото интервју – ОВДЕ.

Госпоѓо Кларк, минатата недела се одбележа светскиот ден на водите. УНДП има програма за Преспанското Езеро. Колку сте задоволни и кои клучни резултати ги постигнавте таму?

Преспанското Езеро беше во многу лоша состојба пред почетокот на проектот. Загадено, со тренд на губење на биодиверзитетот. Во изминатите 15 години активно се работеше со заедниците и со земјоделците за да се врати животот во езерото. Резултатите се многу охрабрувачки. Се обновува биодиверзитетот, квалитетот на водата е значително подобрен, а и колку што сум запознаена, подобрено е и производството на јаболка. Целите на одржливиот развој се економски раст, подобрени социјални услови и подобра заштита на животната средина. Програмата за заштита на Преспанското Езеро ги има исполнето сите три цели.

Проблеми зимава имаше и со водостојот на Охридското Езеро. Го следи ли УНДП и овој проблем и колку може да биде опасен?

Од она што го слушнав, Охридското Езеро е една од главните туристички дестинации во земјата. И поради тоа, квалитетот на водите и општата состојба на езерото е од особена важност. Се надевам дека во иднина, стекнатото искуство од успешното спроведување на програмата за заштита на Преспанското Езеро, ќе бидеме во можност да ја примениме и прошириме и на Охридското Езеро.

Минатата година, Западен Балкан и Македонија беа погодени од поплави, а во земјава имаше и околу дваесетина жртви. Може ли да се превенираат ваквите последици и помага ли вашата организација во тоа?

Навистина се радувам што Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ја има довербата на партнерите од министерствата и општините да работи на големи проекти за превенција на поплавите. Преку Европската унија одвоени се околу 10 милиони евра за Програмата за санација на штетите од поплавите која што ја спроведуваме ние. Исто така, во брзо време, очекуваме дека ќе добиеме зелено светло и од Швајцарската агенција за развој и соработка за дополнителен проект за заштита од поплавите во Полошкиот регион од 3 милиони швајцарски франци, а имаме и неколку помали, на пример проектот во Тетово, којшто е финансиран од Министерството за локална самоуправа и Општина Тетово. Она со што се запознав на терен во Тетово е дека тековното санирање на преградите на реката Пена и воведувањето на дополнителна заштита од поројните поплави кои претставуваат голема опасност за населението што живее таму, ќе можат да се спасат животи во иднина. Секако, потребна ќе биде и дополнителна работа. Јас на пример доаѓам од Нов Зеланд, земја којашто исто така често е изложена на поројни поплави, при што особено се внимава на местоположбата на живеалиштата и клучната инфраструктура по однос на местата под ризик од поплавување. Поради климатските промени, очекуваме дека во текот на идните децении ќе имаме многу полоши временски услови. Дури и доколку целосно се спроведе Парискиот договор, сепак ќе има последици. И токму поради сето ова, работењето на намалување и превенција на ризици од катастрофи е од исклучителна важност за земјата и УНДП ќе продолжи да дава целосна поддршка.

Во Македонија има градови коишто се меѓу најзагадените во Европа. Многу често властите велат дека е тешко да се справат со тоа. Има ли начини и кои се?

Неверојатно е што толку мала земја има 3 од 10 најзагадени градови во Европа. Но, секако постојат одговори за ова. Одговорите не се секогаш лесни и обично укажуваат на потребата да се сменат нештата, како на пример политиките, или можеби закони и регулативата, но и однесувањето на граѓаните. Но, во сржта на сè е чистата енергија. Доколку енергијата доаѓа од термоцентрали на јаглен, тогаш станува збор за нечиста енергија. И индустријата тогаш ќе биде нечиста. Доколку нема соодветна контрола на издувни гасови од возилата, тогаш и тие ќе го загадуваат воздухот. Исто така и греење или готвење на дрва или други материјали го загадува воздухот. Така што секако ќе биде потребно да се донесат некои тешки одлуки во врска со регулативите, со изворите на енергија, но јас сум уверена дека ќе се најдат одговори за да се реши проблемот со загадување на воздухот.

Македонија е речиси две години во сериозна политичка криза. Госпоѓо Кларк, колку таа може таа да биде пречка за одржливиот развој?

Понекогаш е потребно повеќе време да се формира влада, тука на пример изборите се одржаа пред повеќе од 3 месеци. Од гледна точка на Обединетите нации, ние навистина би сакале да видиме брза разрешница на кризата во согласност со уставниот поредок, бидејќи гласачите очекуваат нивната волја да биде испочитувана. Секако оваа земја има аспирации за членство во Европската унија и НАТО. Европската унија сака да види дека сите изборни закони се почитуваат за време и по изборите. Така што, во интерес на земјата е да најде излез од политичката криза што е можно побрзо во согласност со уставниот поредок.

Еден од најголемите проблеми во Македонија е и невработеноста. Има ли проект вашата организација и во што помага во овој дел?

Создавање на работни места за сите е голем предизвик за оваа земја, и ова е едно од прашањата на кои што работи УНДП заедно со Министерството за труд и социјална политика. Веќе неколку години имаме прекрасни програми што им помагаат на граѓаните да основаат сопствени мали бизниси. Како резултат на ова, многу жени, мажи и млади станаа претприемачи, а оваа програма се прошири за да ги вклучи и лицата со попреченост, за кои е најтешко да се вклучат во економијата. Програмата исто така се прошири и на ромските заедници, кои знаеме дека во Европа, во Обединетото Кралство, во Франција, на Балканот и во Централна и Источна Европа се едни од најмаргинализираните – и токму поради тоа, нивното вклучување во економијата е од големо значење. Веќе неколку години ја следам оваа програма и искуствата од оваа програма можат да се применат и во многу други земји.

Госпоѓо Кларк, Вие сте прва жена на оваа позиција во УНДП, а претходно речиси десет години бевте премиер на Нов Зеланд. Во Македонија досега немало жена на толку висока позиција. Како жените во Македонија да ја подобрат својата позиција во општеството и да се вклучат во високите политички кругови?

Пред сè мислам дека е потребно жените целосно да веруваат во себе си дека можат која било работа да ја сработат исто толку добро колку и кој било маж, а потребно е да градат и групи и коалиции за поддршка. Исто така, потребно е и политичките партии да промовираат жени-кандидати и да ги поддржуваат и за време, и по изборите. Во УНДП секогаш ставаме голем акцент на улогата политичките партии бидејќи партиите се тие што можат да бидат или најголемата пречка или најголемата поддршка за подеднаква застапеност на жените во политиката. Имаме и цели упатства за тоа како може да се зголеми бројот на жените во собранието. Некои партии усвојуваат квоти, некои земји усвојуваат изборни системи со специфични квоти и цели, поради кои многу брзо може да се зголеми застапеноста на жените во политиката. Во мојата земја, Нов Зеланд, не направивме вакви специфични акции, но имавме бран на луѓе како мене, што израснавме по војната, сметајќи дека и жените и мажите треба да се еднакви во сè. Бевме многу упорни и се пробивме на државната сцена. Но, Нов Зеланд е и прва земја во светот во која што жените се стекнаа со право на глас – во 1893 година, така што е малку понапредна од другите земји во светот по ова прашање.

 

поврзани објави

Последни објави