ЗНАМ ја претставува платформата за македонско национално единство
Движењето ЗНАМ утре ќе ја презентира Националната платформа за македонско национално единство пред сите парламентарни партии. Според изјавата на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, оваа платформа има за цел да ги обедини сите политички фактори и да изгради заеднички државен став, кој ќе овозможи достоинствен пат на Македонија кон членство во Европската Унија.
Димитриевски објасни дека оваа платформа ќе ја дефинира националната стратегија на Македонија, како и црвените линии кои не смеат да бидат преминати во процесот на евроинтеграција.
„Време е да се вратиме кон принципите на Крушевскиот манифест, како основа за заедничко делување. Преку оваа платформа сакаме да изградиме силна и независна Македонија во која сите граѓани се рамноправни и заеднички се борат за истите цели. Македонија е нашата најголема вредност и треба да се обединиме околу неа“, истакна Максим Димитриевски за време на свечената академија по повод една година од формирањето на ЗНАМ.
Платформа за обединување на сите политички фактори
Националната платформа за обединување е насочена кон сите парламентарни партии во земјата, без разлика на нивната политичка припадност. Целта е да се создаде заеднички став кој ќе ги заштити националните интереси на Македонија во преговорите со ЕУ. Димитриевски повика на единство и отфрлање на поделбите.
„Ги повикувам сите политички чинители и граѓани да се обединиме околу заедничките вредности и цели. Доста беше од поделби и недоверба. Време е за единство, зашто само сплотени можеме да изградиме стабилна и просперитетна држава. Македонија е нашиот заеднички дом и секој од нас има обврска да се грижи за неа“, нагласи Димитриевски.
Македонија нема повеќе да прави отстапки на патот кон ЕУ
Димитриевски го поддржа ставот на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија нема да прави повеќе отстапки на патот кон ЕУ. Според него, земјата досега направила повеќе отстапки од која било друга држава што се обидува да стане дел од ЕУ.
„Нема никаква смисла, како Македонец, да се стремам кон членство во меѓународна организација ако за тоа треба да се откажам од својата македонска суштина. Секој Македонец кој ќе се најде пред ова прашање во текот на евроинтеграциите ќе одговори со ‘не’, ако тоа значи да се жртвуваат нашиот јазик, култура и национален идентитет“, изјави Димитриевски.
Тој истакна дека Македонија направила доста отстапки во минатото, но дека повеќе нема да се откажува од идентитетските прашања во пристапниот процес. ЗНАМ целосно го поддржува ставот на премиерот дека нема да има повеќе отстапки.