Над 155 илјади парчиња пиротехника откриени годинава – МВР со засилени акции и апел за празници без опасни средства
Над 155.000 парчиња пиротехнички средства се откриени годинава, што е трипати повеќе во споредба со 2024 година, информира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Само во текот на овој месец, како што посочи, запленети се дополнителни над 30.000 парчиња, што, според него, е јасен показател дека засилените полициски акции даваат резултати.
Изјавата беше дадена по повод показната вежба што денеска се одржа на плоштадот „Македонија“ во Скопје, организирана во рамки на превентивната кампања на МВР „Сигурни празници, без употреба на пиротехника“. Во вежбата учествуваа ученици од средното скопско училиште „Владо Тасевски“, кои преку реална симулација прикажаа повреди настанати од несоодветна употреба на пиротехнички средства.
На настанот присуствуваа и директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Георгиевска-Павловска, како и генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити.
Министерот Тошковски истакна дека иако зголемениот број на откриени средства е позитивен од аспект на активноста на полицијата, тој истовремено укажува на загрижувачка количина пиротехника што се наоѓа во употреба. МВР, како што нагласи, постапува континуирано преку репресивни, но и превентивни мерки.
Тошковски упати апел до граѓаните да ја зголемат свеста и да ги прославуваат празниците без употреба на пиротехника, потенцирајќи дека особено опасна е употребата на непроверени и неконтролирани пиротехнички средства.









