Сериозни злоупотреби во безбедносно-разузнавачкиот систем, за време на претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ, објави на Фејсбук поранешниот технички министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев.
Безбедносно-разузнавачките институции не се реформирани, а во нивните рамки се направени сериозни злоупотреби кои мора да бидат предмет на истрага од страна на Јавното обвинителство. Овие злоупотреби се потврда за користење на институциите за следење и негативно етикетирање на личности, како и за обиди за спречување на промена на власта. Во контекст на наводите објавени од премиерот Христијан Мицкоски за фабрикувани конструкции за пара-полициски вооружени формации, јавно го повикувам Обвинителството да истражи зошто ваквите информации не беа доставени до МВР, иако тоа експлицитно го побаравме во неколку наврати. Имено, по преземањето на функцијата технички министер, побарав писмено, но и во рамки на работен состанок, од надлежните институции да достават информации за потенцијални безбедносни ризици во пресрет на одржување на изборите. Вакви информации, до мене, МВР, но и до Владата и до Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во тој период воопшто не беа доставени. Тука се поставува јавно прашањето: доколку институциите располагале со такви информации за сериозни безбедносни закани, зошто истите не беа доставени до надлежните институции во исклучително сензитивниот предизборен период и покрај тоа што истото во неколку наврати беше побарано од моја страна? Неопходно е Јавното обвинителство да отпочне активности за решавање на овие отворени прашања и утврдување на сите инволвирани лица и незаконски дејствија“, објави Чулев.