Македонската полиција денеска (сабота 18 јануари) во попладневните часови во близина на хотел во околината на Гевгелија го уапси наркобосот Раде Трајковски-Штекли. Уапсен е при обид за бегство.
Тој се сомничи за трговија на дрога. Тој предводел група од над десетина члена кои се занимавале со продажба на наркотични средства. МВР и Бирото за јавна безбедност се во потрага и апсење на целата негова група. Oдземен е и телефон од висок полициски службеник кој се сомничи за оддавање информации поврзани со клановите Барон, Беланоца, Грчец и со Штекли.
Оваа акција на МВР уследува по сузбивањето на арачиновската група Беланоца.
Штекли е познат по пресметките со нарко картелите и се поврзува со низа кривични дела. Тој во август и во октомври 2023 година избегна два обиди за убиство на иста локација – во Ист Гејт Мол во Скопје.
Долго време не беше точно позната локацијата на Штекли. На 10 декември минатата година на социјалните мрежи Штекли објави фотографија од богата трпеза за која тврди дека е во Белград. Тогаш се шпекулираше дека тој се наоѓа на краток престој во Србија.
Лани на 14 ноември во дворот на куќата на Шеткли во скопската населба Керамидница беше фрлена бомба. Штекли се здоби со повреди и беше итно пренесен во Градската болница „Св. Наум Охридски“. Снимка од детонацијата се појави на социјалните мрежи. Се претпоставува дека направата била активирана со далечински управувач.
Во декември 2023 година обвинителство покрена истрага за автосалонт од Кочани и 18 лица кои криумчареле крадени луксузни возила. Меѓу нив беше и сопругата на Шеткли, српска државјанка со престој во Македонија.
Во 2011 година тој беше уапсен во Грција како осомничен во Италија за местење на фудбалски натпревари. Трајковски тогаш беше екстрадиран во Италија каде имаше и судење за случајот.