Средби на Мицкоски со блиски соработници на Трамп и бизнисмени- се создаваат нови можности и партнерства, за Македонија повторно да биде горда
Премиерот Христијан Мицкоски во рамките на посетата на САД и денеска оствари бројни средби со блиски соработници на Трамп и бизнисмени.
Мицкоски на неговиот Фејсбук профил објави дека во Вашингтон остварил средби со Ендру Пејкоф, американски бизнисмен со македонско потекло, основач и претседател на Нијагара Ботлинг, со Џеси Спиро, главен директор во Тетер и одговорен за стратешките односи со владите во светот, како и со Дан Бонгино, еден од најблиските соработници на претседателот на САД Трамп и најпознат политички десничарски коментатор.
– Исклучително срдечен разговор со Ендру Пејкоф, американски бизнисмен со македонско потекло, основач и Претседател на Нијагара Ботлинг, компанија која има годишен приход од околу 4 милијарди американски долари и околу 5000 вработени. Компанијата е основана во 1963 година и денес е најголема компанија на американскиот пазар од оваа област. Инвестициите на Нијагара Ботлинг во Македонија се добредојдени. Македонската дијаспора е клучен елемент во системот, нашиот глас и аргументи да бидат појасни и посилни во Светот. Обновуваме но и создаваме нови можности и партнерства со секој што може да помогне Македонија да биде повторно горда и ваша!, напиша Мицкоски на фејсбук.
На свеченоста „Гласови на слободата“ организирана од компаниите „Трамп Медиа” и Рамбл, која се одржала по инаугурацијата, Мицкоски остварил средба со Бонгино, еден од најблиските соработници на Трамп и најпознат политички десничарски коментатор.
Разговор во кој зборувавме за Македонија, нашите предизвици но и можности. Нашите аргументи и позиции се јасни и нашето стратешко партнерство со САД и администрацијата на претседателот Трамп се силни. Се бориме дома за повисоки плати, пензии, нова инфраструктура, подобро здравство, поконкурентно образование, брзорастечка економија итн…, но се бориме и во Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон итн…, нашиот глас е се посилен!, напиша премиерот Мицкоски.
Како што објави Мицкоски, тој се сретнал и со Џеси Спиро, главен директор во Тетер и одговорен за стратешките односи со владите во Светот.