Продолжуваме со многу работа. Нашата визија е повеќе од јасна. Држава во која системот функционира, просперитетна економија и Влада која работи за граѓаните и на која граѓаните ѝ веруваат.
Вака владината портпаролка Марија Митева денеска ја започна прес-конференцијата на којашто ја презентираше програмата на Владата, односно проектите што треба допрва да се реализираат во текот на 2025 година.
– Програмата за 2025 година е во функција на остварување на стратешки приоритети и секој е дизајниран да одговори на предизвиците. Од довербата во институциите, ефикасната борба против криминалот и корупцијата, па сѐ до владеење на правото. Се разбира, економското заживување на земјата е наш врвен приоритет. Поттикнување силен циклус на економски раст, подобрување на севкупната транспортна инфраструктура, зголемување на животниот стандард, подобар и поквалитетен живот за секого. Отворање нови работни места, модернизирање на образовниот систем и забрзување на дигиталната трансформација на јавните услуги – изјави Митева.
Таа рече дека содржината на програмата е поделена на тематски подрачја и на динамика по месеци.
– Во првиот дел од програмата кој се однесува на акти и на материјали по кои одлучува Собранието, ќе набројам само неколку: предлог-закон за судска и јавнообвинителска служба, предлог-закон за спречување на корупција и судир на интереси… Во вториот владин дел, опфатот е поширок. Предвидена е реконструкција на училишни објекти, зголемени се блок-дотациите во општините, ќе се зголемуваат платите на вработените во образованието. Во програмата, околу стотина активности се однесуваат на обврските за рефорската агенда 2024-2027 година – истакна Митева.
На прашањето кој е ставот на Владата во поглед на најавената набавка на нов државен авион, Митева рече дека зборуваме за нешто што значи одговорност кон државниот имот, односно за одговорност која е само за потребите на државата.
– Неодговорно е да имате опозиција којашто изминатите години ништо не направи во поглед на државниот имот, а освен што ништо не направи, туку и она што беше направено го остави на заборав на времето. Неспорен е фактот е дека имаме еден претседател којшто има загинато во авионска несреќа. Неспорен е фактот дека имаме уште еден претседател врз кој беше извршен атентат. Па затоа, треба да се размислува како да ги намалиме овие ризици. Мора да размислуваме за интересите на државата со разум и одговорност, а не со политика – изјави Митева.