10.8 C
Skopje
Saturday, March 1, 2025

Јаневска: Студентските домови ќе добијат нов лик, младите се наш приоритет“

Дел од интервјуто со министерката за образование Проф д-р Весна Јаневска:

ПОГЛЕД: Почитувана министерке Јаневска, Студентскиот дом „Стив Наумов“ долг период беше симбол на негрижа и заборав, место каде студентите, наместо достојни услови за живот и студии, беа принудени да се справуваат со влага, искршени прозорци и нефункционални тоалети од кои, поради несоодветната инфраструктура, никнуваа печурки како да се наоѓаат во природа, а не во објект кој треба да биде дом на идните академски граѓани на Македонија.

Во минатото, политичките опоненти на вашата партија, СДСМ, во бројни кампањи и јавни настапи ја потенцираа потребата од изградба на студентски град во Скопје, реконструкција на сите студентски домови низ државата и создавање современи, европски услови за студентите. Особено гласен во тоа беше млад политичар од нивните редови, кој во своето време го привлече вниманието на јавноста со фотографии од ужасните услови во „Стив Наумов“ и јавно ги осудуваше недостатоците. Сепак, од 2015 година до денес, овие ветувања останаа само празни зборови, без реализација.

Имајќи го ова предвид, дали вашето министерство има конкретен, транспарентен и временски утврден план за конечно решавање на проблемите на студентите, кои со години беа запоставени и заборавени? Дали планирате да ја исправите оваа неправда и да создадете услови достојни за европска Македонија, или студентите повторно ќе бидат сведоци на истата приказна – ветувања без дела, чекајќи го крајот на мандатите за било каква акција?

Одговор: Токму заради лажните ветувања, несериозноста во работењето и огромните штети кои и’ ги нанесоа на Македонија и народот кој живее тука, а особено на младите, СДСМ и нивните коалициски партнери од седумгодишното владеење се сега во опозиција. Изневерија неколку студентски генерации, но дојде моментот кога студентите повеќе не дозволуваат да бидат манипулирани.

Нема ништо од ветувањата за изградба на цели студентски градови. Нема реконструирани домови. Напротив, успеале и постојните да ги пропаднат, да ги остават во долгови и криминал, со кој сега ние како нова Влада се справуваме. Но, ќе се справиме. Затоа што нам, младите навистина ни се приоритет. Свесни сме дека без младина, нема иднина. А таа младина мора да биде задоволна од грижата на државата, за да остане тука и да возврати.
Од оваа година започнуваме со етапен и значителен раст на буџетот наменет за студентите. Обезбедивме 6 милиони евра повеќе од лани. Започнавме реконструкција на два студентски дома, едниот е тој што го посочувате во прашањето – Стив Наумов во Автокоманда. До крајот на годината, или почетокот на следната ќе блесне во нова енергетски ефикасна фасада, комплетно нова внатрешност, инсталации, мебел и опрема. Кузман ќе биде реновиран за нешто пократко време. По овие два, ќе продолжиме и со останатите. Не ветуваме изградба на нови домови, не е толкава потребата. Но, бидете сигурни дека до крајот на мандатот, постојните домови ќе понудат модерни услови за сместување и престој. Во моментов имаме буџет од околу 25 милиони евра, но ќе бидат потребни веројатно уште толку. Ќе ги обезбедиме, имаме кредибилитет да побараме поддршка од меѓународните партнери.
Секако, грижата за студентите не е само реновирањето на домовите. Обезбедуваме повеќе и поголеми права за нив. На пример, годинава ќе се зголеми износот на субвенционираниот студентски оброк. Минатата година пак, излеговме во пресрет на повеќе нивни барања. Ги олеснивме условите за аплицирање за одредени категории на стипендии за додипломски студии. Овозможивме студенти со 180 ЕКТС да аплицираат за стипендии за постдипломски студии во државата. Бруцошите добија субвенциониран оброк во месец октомври, што порано не беше така. Ги вклучивме во креирањето на нови закони за високо образование и за студентски стандард. Имаме добра соработка и ќе настојуваме да ја одржиме.

поврзани објави

Последни објави