-5.2 C
Skopje
Sunday, February 9, 2025

МАСОВЕН ПРОТЕСТ ПРЕД „СИЛБО“ Граѓаните бараат правда за трагично загинатата Фросина

Пред пекарницата „Силбо“, на булеварот Партизанска во Скопје, денеска се собраа граѓани во знак на почит кон прерано згаснатиот живот на 22-годишната Фросина Ќулакова од Неготино.

Токму на ова место, во средата, таа беше прегазена од автомобил додека ја преминуваше улицата, на пешачки премин и на вклучено зелено светло за пешаци.

На металната ограда покрај пешачкиот премин, граѓаните оставаа цвеќиња и палеа свеќи крај фотографијата на Фросина.

Болката и тишината доминираа, а очите на присутните беа полни со солзи и само со едно прашање: „До кога?“

Транспарентите во рацете на граѓаните носеа пораки што го одразуваат револтот: „Врските не враќаат човечки живот“, „Уште колку?“…

Некои ја споредија трагедијата со несреќите на Викторија Николова и Фросина Цековска, кои исто така ги загубија животите на булеварот Партизанска во Скопје.

Протестот е мирен, без гласни довикувања, но тишината зборува сама за себе. Тоа што се случува во моментов пред „Силбо“ е молчалив крик против системот кој дозволува улиците да бидат смртоносни за пешаците.

Граѓаните бараат одговорност и промени – побезбедни пешачки премини, ригорозна контрола на сообраќајот и поостри казни за оние што ја игнорираат безбедноста.

Вечерта на 29 јануари, петнаесетина минути пред полноќ, 20-годишник со автомобил удри во 22-годишната Фросина која им подлегна на повредите на самото место.

Според наводите на Обвинителството, тој возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено.

поврзани објави

Последни објави