Премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното интервју на Канал 5 телевизија говореше за надворешната политика на Македонија, односите со стратешките партнери, како и за пристапниот процес кон Европската Унија.
Тој истакна дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп има јасна визија и стратегија за спречување на конфликтот во Украина, додавајќи дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ го поддржува тој пристап. Според него, опозицијата не покажува лојалност кон стратешкиот партнер на државата – САД, туку нивните интереси се врзани за „некои други атрибути“ од минатото.
— ВМРО-ДПМНЕ покажа и докажа што значи партнерство со САД, токму преку договорот што Владата на ВМРО-ДПМНЕ го потпиша во минатото. Денес гледаме дека некои кругови се обидуваат да ја доведат во прашање оваа соработка, но ние остануваме на принципите – подобро тешко, отколку срамно! — изјави Мицкоски.
Премиерот зборуваше и за односите со Европската Унија, истакнувајќи дека блискоста со САД не е пречка за евроинтеграциите, туку токму спротивното.
— Кога францускиот претседател Емануел Макрон оди во САД и повикува на заеднички настап со Америка, дали тогаш сме поблиску до членство во ЕУ? Не. Сè додека не покажете карактер и принципи, нема да ве ценат. Ако мислите дека со лигавење ќе стигнете до врвот, се лажете! — порача тој.
Мицкоски потенцираше дека ЕУ самата дозволила билатерални прашања да станат дел од процесот на пристапување, што дополнително го отежнува европскиот пат на Македонија.
Премиерот нагласи дека Владата ги води своите политики во координација со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, додавајќи дека над половина милион граѓани ја дале својата поддршка за овие ставови.
— Светот се менува. Тоа беше очигледно и кога присуствував на инаугурацијата на претседателот Трамп. Но, јас немам намера да бакнувам пенкала, да се понижувам или да се смешкам додека некој ме понижува. Што мислам – тоа ќе го кажам, а за тоа имам поддршка од граѓаните! — истакна Мицкоски.
Со ова, премиерот испрати порака дека Македонија ќе ја води надворешната политика со достоинство и национални интереси, без компромиси кои би значеле понижување за државата.