Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски посочи дека пиротехничките средства кои го предизвикаа пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 59 лица, 150 се повредени од кои 22 во тешка состојба, ги донел бендот кој вечерта настапувал „на диво“. Според Тошковски, за жал, лицето кое било задолжено за пиротехниката е починато.
„Дискотеката немала соодветна лиценца, објектот бил наменет за лесна индустрија, а не за угостителство. Прекршени се стандарди за противпожарна заштита. Само 2 противпожарни апарати имало за цел клуб. Немало врати за евакуација, противзаконски била користена пиротехниката, концертот бил одржан на диво оти немало договор меѓу организаторот и изведувачите“, истакна тој.
Во врска со пиротехниката, Тошковски најави дека по завршување на форензичката анализа, ќе биде доставен извештај до Јавното обвинителство и ќе се утврди дали е потребно да се поседува сертификат за употреба.
Министерот објаснуваше дека МВР не знаело за концертот, не било изестено од страна на организаторите и не дава одобрение за организирање настани. Потоа уште еднаш потврди дека ноќта полицијата сепак била таму, но вршела проверка дали има трговија со дрога и дали внатре има малолетници. Тој го повтори она што вчера го кажа премиерот Христијан Мицкоски, дека полицијата дошла само неколку минути пред да се случи пожарот.
„МВР не дава одобрение за организирање настани. МВР не било известено од страна на организаторите дека таков настан ќе има. МВР нема обврска да врши постојано обезбедување во секој ноќен клуб, тоа се врши ако организаторот побара. Вечерта е вршена контрола, полицајците кои влегле внатре да вршат контрола за присуство на малолетници и трговија на наркотици, влегле неколку минути пред да настане трагедијата. Полицискиот службеник кој беше обвинет дека треба да го прекине настанот, е оној кој влегувал и излегувал, односно загинал оти спасувал деца. Другите полицајци биле поблиску до излезот и тие се преживеани“, рече Тошковски.
Тој кажа дека во СВР Скопје и во СВР Тетово се приведени 5 лица, со кои разговарат полициски службеници, а меѓу нив е и еден поранешен министер мислејќи на Крешник Бектеши.
Министерот, исто така, рече дека се вршел претрес во домови на лица, како што рече, од Министерството за економија и одземено било оружје и муниција. Полицијата денеска, повторно констатирала дека правното лице во чија сопственост е дискотеката, немала важечка лиценца за работа.
Сопственикот „при контрола, приложил фалсификувана лиценца“, рече Тошковски најавувајќи дека ке се врши претрес во неговиот дом.
Тој информира и дека приведени се 13 лица во СВР Штип, меѓу кои продавач на карти, четири лица од обезбедување, управител на Агенција за обезбедување, сопственик на објект на дискотека, три лица од пазарен инспектоат, две лица од трудов инспекторат. На 11 лица им е одреден притвор за тешки дека против општата сигурност и предизвикување општа опасност.
Министерот за внатрешни работи најави дека многули лица од многу институции ќе бидат приведени денеска.