По повеќе од половина месец по страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани се огласи и раперот и текстописец Раде Врчаковски – Врчак кој беше близок соработник со дуото ДНК.
„Последната песна со Андреј … Јас до вечерва не можев да слушам музика, не можев ни на Фејсбук да гледам ништо … Уште не можам, уште закрепнувам ама пред малку ја пуштив да ја слушнам последната песна со Андреј што ја снимавме неколку дена пред да загине – кога му го слушнав гласот ме врати во живот цела љубов и позитивна енергија на Андреј ми се врати во душата, а цела тага ми се претвори во уште поголема љубов“, напиша Врчак на Фејсбук.
Инаку ДНК и Врчак имаа неколку соработки кои станаа големи музички хитови, кои и ден денес се слушаат. По долги години музичка илегала Врчак, минатата година повторно се врати на музичката сцена и тоа во дует со ДНК за песната „Посреќна“.
А само една недела пред несреќата во Кочани, во која животот го загубија 59 млади луѓе, помеѓу кои и вокалот на ДНК, Андреј и скоро цел бенд, ДНК имаше концерт пред скопската публика каде што Врчак беше нивни гостин.