Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во интервју за „Канал 5“ излезе со став во врска со истрагата за трагедијата во Кочани, потенцирајќи дека институциите работат проактивно и дека веќе се преземени сериозни чекори за расчистување на случајот.
Според министерот, дел од лиценците поврзани со случајот се потпишувани директно од одредени министри во последните 12 до 13 години. Тој посочи дека истрагата ќе покаже точно од кога, зошто и за кого биле преземени одредени дејствија. „Не можеме да измислиме нови докази“, нагласи Тошковски, додавајќи дека, иако предметот е во надлежност на Јавното обвинителство, тој ја поздравува досегашната работа на органите во изминатите 40 дена.
Министерот упати апел до експертите и јавноста да се воздржат од предвремени коментари, бидејќи, како што рече, тие немаат увид во доказите обезбедени од ЈО и МВР. Според него, никој кој има вина, без разлика колку мала е, не смее да остане надвор од истрагата. „Секој еден кој што има и најмала вина за смртта на 62 деца, треба да биде под истрага и да биде дел од постапката“, потенцираше Тошковски.
Тој информираше дека веднаш по трагедијата, надлежното обвинителство од Кочани заедно со полициските инспектори почнало со работа. Биле спроведени оперативно-тактички мерки и било обезбедено местото на настанот. За само 24 часа, биле идентификувани околу 20 осомничени, а досега бројката надмина 60 лица – физички и правни субјекти.
Министерот истакна дека присуствувал на најмалку седум координативни состаноци со обвинители и инспектори, при што се договарале чекорите за обезбедување на докази. „Не знам како се работело порано, но сега гледам многу проактивна улога на ЈО и не можам да не го споделам тоа со јавноста“, изјави Тошковски.
Во своето излагање, тој истакна дека и Владата, и Собранието, а пред сѐ граѓаните на Македонија, очекуваат конкретни резултати и поинаков пристап од досегашниот. „Ако ја видат правдата, ќе имаме нормална Македонија“, додаде Тошковски.