Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во своето најново обраќање упати силна порака до јавноста, нагласувајќи дека промената на општествениот менталитет започнува од секој поединец.
„Од секој од нас зависи дали државата ќе биде нормална. Знам дека е тешко да се смени менталитетот – повикај пријател и дај да завршиме побрзо работа – но тоа мора да се промени“, рече Тошковски.
Како позитивен пример за системска промена го наведе проектот „СЕЈФ СИТИ“. Според него, доколку овој безбедносен систем се имплементира како што треба, со целосно исклучување на човечкиот фактор, ќе се постигне значителен напредок во однесувањето и дисциплината на граѓаните.
„Ви гарантирам дека за многу краток временски период менталитетот на луѓето ќе тргне на подобро. Нема да има веќе ‘повикај пријател’, бидејќи компјутерот и начинот на казнување нема да бидат како претходно“, изјави Тошковски.
Министерот со овие зборови испрати порака дека модернизацијата на системите и елиминацијата на субјективноста во институционалното делување се клучни за изградба на праведно и функционално општество.