Проблемот со ускратениот субвенциониран студентски оброк за 181 студент кои примаат семејна пензија ќе биде надминат во најкраток рок – информира министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Откако студентите реагираа дека им било прекинато правото на оброк поради тоа што добиваат пензија поради починат родител, Јаневска потврди дека го добила извештајот за случајот и нагласи дека решението е во подготовка.
Министерката рече дека проблемот се решава и ќе биде надминат во најбрз рок, притоа посочувајќи дека има и други студенти кои биле одбиени по друг основ.
-Ја добив таа информација, Настанат е проблем во соработката со други институции и ние во моментов активно го решаваме тој проблем за да видиме што де факто се случило. Има и други студенти кои се одбиени по друг основ. Меѓутоа, ова ќе го решиме во најбрз можен рок, значи уште во текот на денот, рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање пред отворање на работилница за училишта.
Министерката напомна дека студентите имаат право секој месец да се пријавуваат за субвенцијата студентски оброк. Мај е последен месец за оваа академска година, а следниот повик ќе биде во септември.