Политичката сцена во источниот македонски град Делчево повторно се раздвижува, откако ВМРО-ДПМНЕ официјално го објави својот кандидат за претстојните локални избори – г. Иван Гоцевски. Овој потег, во моменти кога рејтингот на партијата бележи убедливо водство на национално ниво, претставува сериозна порака и предизвик за опозицискиот СДСМ, кој сè уште не ја соопштил својата кандидатура за првиот човек на општината.
Гоцевски не е ново лице во политиката на Делчево. Како актуелен претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, тој зад себе има импресивен резултат од последните парламентарни избори, каде под негово раководство партијата извојува победа со повеќе од 2.500 гласови разлика. Оваа доминантна бројка не само што сведочи за неговата способност за мобилизација на гласачкото тело, туку и за јасната поддршка што ВМРО-ДПМНЕ ја ужива во Делчево.
Од другата страна, СДСМ сè уште калкулира со можните опции, без официјално објавен кандидат. Во центарот на вниманието е актуелниот градоначалник Горан Трајковски, кој веќе два мандати ја води општината. Но, прашањето дали тој ќе има сили, поддршка и волја да влезе во нова политичка битка со ривал каков што е Гоцевски, останува отворено. Особено имајќи предвид дека партијата од која доаѓа, според најновите анкети и политички анализи, заостанува значително зад ВМРО-ДПМНЕ во однос на јавната поддршка.
Дали Трајковски ќе се реши за уште еден мандат и ќе се обиде да го одбрани своето досегашно раководење со Делчево, или ќе ѝ отстапи место на нова фигура од редовите на СДСМ, ќе покаже времето. Но едно е јасно – изборната трка во Делчево веќе добива контури на една од поклучните битки на локално ниво, во која Иван Гоцевски влегува со силна партиска машинерија и значителен политички капитал.
Во блиска иднина се очекува да се објави и кандидатот од СДСМ, па веројатно тогаш ќе се знае каква политичка дебата и изборен дуел не очекува во Делчево.









