Либерално-демократската партија (ЛДП) по трет пат поднесува иницијатива за воведување на една изборна единица во Македонија, барање кое беше одбивано во претходните два парламентарни состави. Овојпат, партијата очекува поширока поддршка од пратениците во Собранието.
„Како и претходно, ЛДП останува цврсто на ставот дека е неопходно да се воведе една изборна единица, отворени листи и да се вклучат предлозите на граѓанскиот сектор, вклучително и независните листи, при креирање на новиот Изборен законик,“ изјави портпаролот на партијата, Љубен Аврамовски. Тој додаде дека ЛДП не отстапува од заложбата за праведен, транспарентен и инклузивен изборен модел, кој ќе обезбеди еднаквост на гласот и директна претставеност на граѓаните.
Силна поддршка за измените доаѓа и од Демократскиот сојуз. Нивниот лидер, Павле Трајанов, изјави дека ваквиот модел ќе придонесе за демократизација на изборниот процес и демонтажа на еднопартискиот систем. Според него, тоа ќе донесе зголемена одговорност на извршната и законодавната власт.
Сепак, во врска со отворените листи, Трајанов истакна дека искуствата од други земји покажале бројни слабости. Затоа предлага постепен пристап – почнувајќи од локалните избори, и тоа пилот-проекти во општините Центар, Струга и Гевгелија.
Премиерот Христијан Мицкоски, во однос на предлогот на ЛДП, изјави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи моделот на една изборна единица, со дополнување дека и дијаспората треба да го задржи правото на глас.
Новата иницијатива на ЛДП отвора врата за суштинска реформа во изборниот систем, што би можело да значи почеток на нова фаза во македонската демократија.

