Во интервју за емисијата „Во Центар“ со Васко Ефтов, Костадин Костадинов за првпат подетално се осврна на актуелната ситуација во СДСМ и неговата елиминација како кандидат за градоначалник на Струмица. Тој нагласи дека дознал дека нема да биде кандидат дури на прес-конференцијата на Венко Филипче.
„Во целата дебата не ги коментирам луѓето, ниту Венко Филипче, ниту Марјан Даскаловски. За политичките процеси треба да се разговара со актуелното раководство. Сè друго е теорија на заговор. Личните осудувања за тоа чив човек сум, чие дете сум – нема да коментирам“, изјави Костадинов.
На прашањето дали планира да се кандидира како независен кандидат, тој јасно стави до знаење дека нема таква намера.
„Кажав дека нема да коментирам. Јас само би помогнал со тоа што не би се кандидирал како независен кандидат на изборите“, истакна тој.
Костадинов додаде дека времето ќе покаже кој во СДСМ им помага на ВМРО-ДПМНЕ за негово политичко елиминирање. Тој изрази и резерви во однос на исходот од локалните избори.
„Ако СДСМ победи во Струмица, ќе треба да им се честита за одлуката. Но ако излезе дека јас сум бил во право, ќе мора да се седне и разговара“, рече тој.
На прашање дали има лидерски амбиции во партијата, Костадинов не го исклучи тоа: „Ќе видиме, сè зависи од актуелната политичка состојба во партијата и државата.“
Тој исто така оцени дека голем број граѓани биле задоволни од неговата работа како градоначалник и дека, доколку не се согласуваат со новиот кандидат, можно е воопшто да не излезат да гласаат.