2.8 C
Skopje
недела, октомври 5, 2025

ВТОР ДЕЛ од интервјуто со Гоцевски Иван „Не ветувам чуда, но ветувам многу работа – од првиот ден!“

ПОГЛЕД: За разлика од многу други политички актери, Вие доаѓате од приватниот сектор – што значи дека не носите со себе „терет“ на државно вработување, партиски хиерархии или долготрајни зависности. Колку сметате дека оваа Ваша предност – искуството во реалниот сектор – може да биде одлучувачки фактор во носењето ефикасни, практични и одговорни одлуки на локално ниво?

Исто така, дали имате изградено добра и стабилна комуникација со сопствениците на локалните компании, и дали гледате можност таа соработка да се претвори во конкретна поддршка за локалниот развој – преку нови вработувања, инвестиции, поддршка за млади, социјални иницијативи и подобрување на економската клима во Делчево? Колку локалниот бизнис-сектор може да биде партнер, а не само набљудувач, во градењето на едно поразвиено, посигурно и модерно Делчево?

Одговор 6:

Да, вистина е дека јас доаѓам од приватниот сектор, и тоа сите во Делчево го знаат и јас лично го сметам за една од моите најголеми предности. Зошто? Затоа што во приватниот сектор нема простор за празни зборови и одложувања – таму секоја одлука мора да биде ефикасна, секој денар мора да се оправда, и секој пропуст се чувствува веднаш – и финансиски, и морално. Ова што овде е задолжително за континуиран напредок е двојна доверба. Доверба во тимот со кој работите и одржување доверба кај клиентите.

Скоро 15 години работам не во фирма, а во една успешна приказна овде во Делчево од каде носам со себе култура на одговорност, работа и резултати. Не сум израснат во канцелариски коридори со потписи по „врски“! Не велам и дека некој е за да не се препознае некој, но јас сигурно не сум. Туку во реалност каде што вредноста се гради, не се добива. И тоа искуство ќе го пренесам и во управувањето со општината.

Што значи тоа конкретно?

Тоа значи дека ќе се носат одлуки брзо, но одговорно и без бесконечни состаноци и бирократски лавиринти;
Тоа значи дека ќе се троши паметно и домаќински, како што секој приватник си ги брои трошоците;
И најважно тоа значи дека ќе се бара резултат за секоја инвестиција, за секој проект, за секоја функција.

Што се однесува до локалниот бизнис-сектор?! Да, јас имам воспоставено директна и искрена комуникација со многу сопственици на компании во Делчево. Не како политичар, туку како човек што ја разбира нивната борба! Борбата со закони што често се апсурдни, со административни пречки, со недостиг од поддршка и пред сè со чувство дека се оставени сами на себе. Затоа и сум голем подржувач на политиките на Премиерот Мицкоски!
Затоа што оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ обезбеди кредити со повластени каматни стапки за развој на локалниот бизнис!

Затоа што оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ носи оперативен план како никогаш до сега!

Затоа што оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ инвестира сериозно во инфраструктурата!

И тука гледам огромен потенцијал!

Бизнис-секторот не треба да биде набљудувач, туку партнер. А тоа партнерство не значи само спонзорства или вработувања – туку вклучување во стратегии за локален развој, создавање програми за млади, соработка во туризмот, во иновациите, во инфраструктурата.

Општината треба да ги слуша и да соработува со луѓето што создаваат вредност, а не да им стои на вратот со инспекции или формалности.

Мојата визија е јасна:

“Делчево ќе оди напред ако јавното и приватното се движат заедно – со почит, со јасни правила и со заедничка цел. И тоа нема да биде празна декларација.
Совет за локален економски развој, со претставници од реалниот сектор, кој ќе има глас и влијание во носењето на економските одлуки во општината.”

Јасно тврдам:

Не доаѓам да водам политика како што се водела. Доаѓам да работиме како што се работи – реално, чесно и со фокус на резултат. Делчево го заслужува тоа. И нашите сограѓани заслужуваат град каде што успехот зависи од трудот, не од врските!

ПОГЛЕД: Господине Гоцевски, низ годините слушнавме безброј ветувања за планината Голак – „ќе изградиме“, „ќе вложиме“, „ќе оживееме“ – но сето тоа остана заробено во зборот „ќе“. Ниедна генерација досега не успеа вистински да го ослободи потенцијалот на оваа планинска убавица, која наместо да биде туристички и економски белег на Делчево, остана симбол на заборавеност и неискористени можности.

Дали можете, овде и сега, во ова интервју, да дадете јавно ветување – ветување на кое ќе Ве потсетиме за неколку години – дека конечно ќе се започне со конкретна, сериозна и стратешка ревитализација на Голак? Дали сте подготвени да се заложите, не декларативно, туку суштински, ова место да го претворите во планинска дестинација каква што гледаме во земји како Словенија или Австрија – со туристичка инфраструктура, спортско-рекреативни содржини, еколошки стандарди и локален развој кој ќе донесе просперитет за целото Делчево?

И најважно – дали конечно ќе покажеме дека и тука, на источниот крај од Македонија, може да се направи нешто што нема да звучи како утопија, туку како гордост и пример за другите?

Одговор 7:

Апсолутно. Ви благодарам за ова прашање, затоа што не е само прашање – ова е болка што ја носиме сите што сме растеле со Голак во срцето, а со празни ветувања во ушите. Затоа сакам да би дадам директен, искрен и обврзувачки одговор на ова прашање за кој ќе ме држите за збор.

Да бидам искрен нема човек во Делчево кој не му мисли добро на Голак ама некако делата за истото изостануваат особено во последната деценија.

И да, точно е – Голак го споменуваат сите, а го прават никој. Децении наназад слушаме „ќе“, а сè што добивме е тишина, распаднати објекти и заборавен потенцијал.

Единствено што може да биде пофалено е новиот патен правец до планината и двате спортски игралишта во срцето на планината. Сето направено во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Нешто на кое ние треба да бидеме благодарни и да го чуваме. И секако неколкуте сместувачки освежувања и отпочнувањето на новиот верски храм.

Знам дека веќе никој не верува на убави зборови. И нетреба да ги обвинуваме луѓето затоа, затоа што еве и јас престанав да им верувам одамна на ветувањата за Голак.

Да бидам искрен секогаш кога и да кажам нешто за Голак се сеќавам на еден мој многу драг пријател кој моментало живее во УСА и кој е многу осетлив на оваа тема и се трудам тоа што ќе го кажам и да можам да го исполнам затоа што едноставно ќе ме прогонува истиот се до моментот до реализација на кажаното. И затоа и поради него и поради сите кои на неговиот начин го сакаат Голак нема да ви ветувам со зборови, туку ќе се потрудам максимално да се обврзам со дело. Овде, јавно, во ова интервју, ви давам збор – и ќе стојам зад него:

Ќе започнеме со вистинска, конкретна и стратешка ревитализација на Голак уште во првата година од мандатот.

Не со нацрти што собираат прашина. Туку со реален план, временска рамка, буџет и јавна отчетност. Ќе почнеме од основните работи: санација на пристапните патеки, санација на постојната инфраструктура, чистење на просторот, поставување на сигнализација и уредни санитарии. Тоа не се чуда – тоа се основи, и ќе ги направиме.

Потоа, ќе следува развојна фаза, со конкретни содржини:

мали планинарски и велосипедски патеки,
еко-сместувања за посетители,
маркирани и достапни спортски терени и зимски рекреативни зони, и соработка со мали локални бизниси и водичи за ангажирање на млади луѓе во туризмот.
културни и спортски настани кои ќе го раздвижат Голак.

Но најважно!
Ова нема да го правиме сами, ниту затворено. Ќе вклучиме експерти за планински туризам, претставници од дијаспората, домашни инвеститори и невладини организации. Ќе создадеме јавен надзорен одбор што ќе го следи секој потрошен денар, секој чекор од замисленото.

Голак нема да биде само замисла – ќе стане пример. Пример дека и на истокот, и во Делчево, може да се создаде нешто што не е утопија, туку гордост.
Ние не сакаме Голак да личи на Австрија или Словенија. Ние сакаме наш Голак да блесне на свој начин – чист, жив, достапен и горд.

Знам дека е тешко да се верува. И не ве молам да верувате веднаш.
Ве молам! Да ме држите за збор исто како овој другар ми што живее во УСА.
Ако не го исполнам, слободно потсетете ме. Ќе стојам пред сите вас и ќе одговарам. Но ако го исполнам?! Ќе го славиме заедно, затоа што Голак му припаѓа на народот, не на политиката.

Ова е нашата шанса. Последната, можеби.
Да го вратиме животот таму каде што природата веќе го подарила а поубаво место од Голак непостои.
Овојпат, нема „ќе“. Овојпат, навистина мораме да почнеме.

ПОГЛЕД: Господине Гоцевски, многу мали европски градчиња, особено во земји како Швајцарија, Австрија или Словенија, изминативе години инвестираа во паметни, одржливи и практични инфраструктурни решенија – проекти кои не бараат милионски инвестиции, но драстично го подобруваат квалитетот на живеење. Во тие градови, приоритет стана создавање урбани зони со минимален сообраќаен метеж, катни или подземни гаражи, субвенционирани велосипеди, безбедни велосипедски патеки, па дури и ограничување на движењето со автомобили во централното градско подрачје.

Делчево, иако мало по големина, веќе се соочува со пренатрупаност од автомобили, недостаток на паркинг-простори и застарена урбана инфраструктура. Дали имате визија и план за применување на слични модели од ЕУ – како на пример изградба на катна гаража, воведување на субвенции за велосипеди или електрични тротинети, развој на пешачки и велосипедски зони? Дали Делчево конечно може да стане мало, но модерно и уредено градче по европски терк, со одржлива и хумана урбана мобилност?

Одговор 8:

Да, визија имаме. И да, Делчево може да стане мало, модерно и уредено европско градче. Но, ќе кажам нешто што ретко кој политичар би рекол пред избори:

Можеби не сме подготвени сето ова да го реализираме за 4 години.
Но во 8 години ако имаме континуитет, план и поддршка, тоа може да стане реалност.

Затоа што ова не е прашање на желба. Сите сакаме катна гаража, велосипедски патеки, мирен центар без хаос од сообраќај.

Искрено на нас ни се потребни:
• стабилни извори на финансирање,
• урбанистичка храброст,
• и политичка подготвеност да се направат непопуларни, но неопходни чекори.

Поради тоа што вакво ви е прашањето ќе морам вака и да ви одговорам. Еве што е реално да се почне во првите 4 години, но тоа нетреба да биде сватено дека сето ова ние ќе го ветиме или ќе биде ставено во нашата програма:

1. Изработка на урбанистки мастер-план за одржлива мобилност – нешто што досега го немало. Без тој документ, ни една катна гаража не може законски да се планира.

2. Почеток на организирање на паркирањето и паркинг можностите кои ние сепак ги имаме во зонаи каде притисокот од сообраќај е најголем (веројатно околу центарот).

3. Субвенции за млади што купуваат велосипеди и електрични тротинети – затоа што тоа е најбрзиот чекор кон промена на навиките.

4. Маркирање на безбедни велосипедски ленти по постојни улици и создавање пешачки зони околу училиштата и плоштадот.

5. Јавна расправа за ограничување на сообраќајот во делови од центарот, во одредени периоди од денот.

А во втората фаза – наредни 4 години, со стабилен мандат и реална поддршка:

• Целосна реализација на зелена урбана зона во центарот, со ограничен пристап за возила, урбана опрема, нови дрвореди и паметно наводнување и осветлување.

• Изнаоѓање на решение, со јавен-приватен партнерски модел.

• Воведување на јавен сервис со електрични велосипеди или мали шатл-возила – достапни за сите граѓани, со апликација или картичка.

• Развој на урбан еко-коридор од влезот на Делчево до планината Голак – со патеки за рекреација и еко-садење.

И да, Делчево може да стане пример. Не по бројот на население, туку по квалитетот на живеење. Но тоа секако бара:

• храброст да се тргнеме од “ова вака си било”,

• политичка волја што не се плаши од отпор,

• и граѓани што се спремни да поддржат долгорочна, паметна промена.

Дали ќе има отпор?! Оф оф оф. Да, секако.
Ќе има ли нестрпливост?! Секако.

Но, ќе има и план. Ќе има и почеток. И ќе има континуитет. Секако ако граѓаните дадат шанса.

Овој пат, не ветувам само (како што налага прашањето) слика од Словенија!
Ветувам патека Делчево да стане своја, локална приказна со европски вкус.

ПОГЛЕД: За крај, господине Гоцевски – што точно очекувате од овие избори? Дали ќе повикате на масовност, на активно вклучување не само на членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на младите, независните, граѓанските организации и сите оние кои немаат партиска книшка, но имаат љубов и визија за Делчево? Дали ќе понудите еден поинаков пристап – борба не за партијата, туку за градот, каде што секој што сака да придонесе ќе биде добредојден, без оглед на политичката припадност?

Колку победа очекувате – дали имате бројки, сигнали од теренот, и на што ќе се темели таа победа? И доколку граѓаните Ви ја дадат довербата, кое е првото нешто што ќе го направите како градоначалник – првиот конкретен чекор што ќе го испратите како порака дека започнува една нова, поинаква ера за Делчево?

Одговор 9:

Да ви кажам право ова е моето омилено прашање од целото интервју. Зошто?! Затоа што во ова прашање се крие суштината и тоа дека оваа битка на овие Локални избори не е само партиска. Оваа битка е и човечка! Делчевска!
И затоа, мојот повик нема да биде само до членовите на моето ВМРО-ДПМНЕ. Ќе биде до сите! Буквално сите кои ја сакаат оваа земја, ова градче, ова мое убаво Делчево.

Секој еден човек е важен. Секој еден човек е потребен. Без разлика дали има книшка, или никогаш не посакал да влезе во партија. Без разлика дали е млад или стар, повлечен, разочаран или полн со надеж. Јас не сакам да собирам само гласови! Сакам да собирам луѓе со срце и совест.

Од овие избори очекувам будење.
Очекувам масовност не само поради партијата, туку и поради Делчево.
Очекувам младите конечно да кажат: „Доста беше други да одлучуваат наместо нас.“
Очекувам да се појават луѓе што можеби никогаш не гласале, но овој пат ќе излезат затоа што конечно гледаат искрен обид.

Да, имаме сигнали од теренот. Да, бројките се охрабрувачки. Анкетите укажуваат на сигурна победа во прв круг.
Но, јас мојата победа не ја мерам само во проценти.
Ја мерам во тоа дали луѓето ќе поверуваат дека можат да бидат дел од нешто вистинско.
Дека не се само публика, туку учесници. И да, очекувам победа. Не за мене. Туку за еден нов пристап, каде што секој што сака да помогне ќе биде добредојден.

А што ќе биде мојот прв чекор како градоначалник?!
Нема да биде прес-конференција на која ќе “плачам” колку е задолжена општината, нема да биде ниту свечен говор.

Ќе го отворам кабинетот за сите граѓани! Без најава! Без протокол! Без партиски филтри!

Ќе поставам табла на која ќе пишува:

„Вратите на општината се отворени. Ова е ваша куќа. Од денес, почнуваме заедно.“

Тоа ќе биде мојата прва порака!

Дека заврши времето на поделби и почнува времето на соработка.
Дека Делчево не припаѓа на поединци, туку на сите што сакаат да го градат, а не да го трошат.

Ова не е моја кампања. Ова е наша можност.
Да покажеме дека и во мал град, може да почне нешто големо.

И, ако не сега – кога?!

поврзани објави

         

Последни објави