Има ли право Македонија на надеж?
Да, Македонија не само што има право на надеж – таа има обврска да се надева! Надежта е последниот бастион на еден народ кој премногу пати бил предаван, изигран и понижуван. Надежта е она што нè држеше исправени низ сите премрежија на историјата. Но денес, надежта не може да биде празна утеха или евтина европска реторика – таа мора да биде темелена врз достоинство, одлучност и државничка зрелост.
Наредните неколку години се клучни за судбината на нашата држава. Долго време бевме хранети со празни ветувања. „Ставете ги Бугарите во Уставот и вашето европско утре почнува веднаш“, ни рекоа. Но народот не заборава. Тој не е наивен. Претходно ни велеа – сменете го името, прифатете го договорот, покажете волја за компромис. И што добивме? Наместо отворени порти кон Европа, добивме уште еден ѕид. Наместо интеграција – уште една кочница. И затоа, не е проблемот што македонскиот народ не сака ЕУ. Проблемот е што тој веќе не верува во манипулативни формули и политички трикови кои го понижуваат неговото постоење.
Но денес, Македонија стои исправено. Денес имаме Влада која не клечи, туку зборува со крената глава. Имаме премиер кој не се плаши да ја каже вистината и дома и во Брисел. Христијан Мицкоски не ветува невозможни работи – тој ветува достоинство, државност и почит. И за првпат по долго време, народот гледа дека има некој што го слуша неговиот глас. Народот не е против Бугарите, ниту против ЕУ. Народот вели – да, сме за Европска Унија, да, може и уставни измени, но не вака, не по цена на национална пониженост и идентитетска капитулација!
Македонија има свои црвени линии. Оваа држава не е туѓа креација, туку завет на нашите предци. Ние не сме производ на ничија милост, туку потомци на генерации кои се бореле за јазикот, името, културата и честа. Затоа, да, сме за добрососедство, за градба на мостови, за отвореност и партнерство – но сето тоа мора да биде на рамноправна, суверена и достоинствена основа.
Патот пред нас не е лесен. Ќе има искушенија, ќе има притисоци, ќе има обиди да ни се скрши грбот и духот. Но ако сме обединети, ако стоиме исправено, со разум и срце – тогаш сонцето повторно ќе изгреe и за Македонија.
Главата горе, народе! Нè чека многу работа дома. Да ја изградиме Македонија што ќе ја заслужат и нашите деца. Македонија што ќе биде дел од Европа – но не како просјак, туку како горда, стара нација со свој јазик, идентитет и држава!
Да живее Македонија!
Пишува: М.М