Необична и ретко видена ситуација ја потресе локалната политичка сцена во Ранковце, откако СДСМ на својата официјална фејсбук страница јавно се извини за објави напишани од сопствениот кандидат за градоначалник.
Во своето извинување, СДСМ Ранковце наведе дека се дистанцира од, како што велат, „изнесени непријатни и неточни информации“ од кандидатот Даниел Крстевски, упатени кон кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Даниел Павловски. Партијата дополнително истакна дека содржините кои ги објавувал нивниот кандидат не биле засновани на факти и можеле да го нарушат угледот на политичкиот противник.
Парадоксот е уште поголем ако се има предвид дека кандидатот пишува, а партијата го демантира и јавно се извинува во негово име.
Свој став по извинувањето имаше и Даниел Павловски од ВМРО-ДПМНЕ, кој постираше на социјалните мрежи дека го прифаќа гестот и порача дека е време за чесност и одговорност во локалната политика.
Во својата реакција Павловски напиша:
„Благодарам за извинувањето.
Изминатиот период кандидатот на СДСМ изнесе многу лаги и манипулации – што само потврдува дека се служел со невистини.
Но, граѓаните на Ранковце препознаваат чесност и искреност.
Време е чесни и одговорни луѓе да ја преземат општината.
Доста беше со празни ветувања – време е Ранковце да чекори по патот на вистинскиот развој, напредок и достоинство.“
Настанот предизвика коментари и реакции во јавноста, особено поради фактот што вакви чекори – партија јавно да демантира и коригира сопствен кандидат за време на кампања – речиси не се паметат на домашната политичка сцена.














