Делчево со транспарентен пристап кон Буџетот 2026: „Секој денар за подобар живот на граѓаните“
Буџетскиот форум претставува важна алка во процесот на градење транспарентна и одговорна локална власт. Денес, сите заедно — институциите, граѓаните, претставниците на месните и урбаните заедници, како и граѓанскиот сектор — ги дефинираме приоритетите за идниот развој на Делчево.
„Нашата цел е буџетот да биде вистинско огледало на потребите на граѓаните. Секој денар треба да биде насочен кон подобар животен стандард, подобра инфраструктура, образование, екологија, социјални услуги и култура,“ истакна градоначалникот.
Вчера, на Првата седница на Советот на Општина Делчево, едногласно беше усвоена Одлуката за одобрување на Планот на програмите за развој за 2026 година. Десетте развојни програми вредни над 111 милиони денари се обезбедени преку средства од Владата, а дел од проектите веќе се во фаза на изградба.

Во Буџетот за 2026 година се планираат повеќе средства за општински стипендии, поддршка на граѓанскиот сектор, спортските клубови, културата, како и значителни инвестиции во заштитата на животната средина.
„Свесен сум дека има многу нерешени проблеми, но тука сме да ги решаваме,“ порача градоначалникот, потенцирајќи дека заедничкото учество и отворениот дијалог се клуч за подобро Делчево.








