ШОКАНТНО ЗЛОСТОРСТВО ВО ГОСТИВАРСКО: Сопружници ја убиле Хавва Азизи, телото го запалиле и закопале
Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, сопружници, осомничени за сторено кривично дело Убиство по член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот и осомничената, дејствувајќи како соизвршители, на свиреп начин ја лишиле од живот Хавва Азизи од селото Здуње. Кривичниот настан се случил на 7 декември во гостиварското село Неготино.
Жртвата била земена од пред нејзиниот дом и однесена во куќата на осомничените, каде започнала расправија поврзана со претходни недоразбирања. Потоа, според обвинителството, таа била затворена во помошна просторија која е во сопственост на лице што престојува во странство. Осомничената донела пиштол, по што осомничениот со еден истрел од огненото оружје ја лишил жртвата од живот.
По извршувањето на убиството, двајцата со количка го пренеле телото до автомобил, по што го однеле во атарот на селото Неготино. Таму телото било спуштено во претходно ископана дупка, запалено и покриено со земја, гранки и различни предмети, со цел прикривање на кривичното дело.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гостивар доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
Инаку, МВР на 12-ти месецов поднесе кривична пријава против С.М.(53) од с.Неготино, општина Врапчиште за сторено кривично дело „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
Синот на убиената жена, на 9-ти декември пријавил дека неговата мајка е исчезната, а подоцна на безбедносните камери забележал дека на 07.12.2025 таа влегува во патничко возило „фиат“, по што е недостапна на телефон. Тој пријави и дека на безбедносните камери забележал дека ноќта помеѓу 06.12. и 07.12.2025 С.М. влегол и пребарувал во неговата куќа и дека биле одземени пари од неговата соба.
С.М беше приведен, а полицијата констатирала дека дал лажен исказ во полициска станица. Проверениот листинг на повици покажал дека убиената жена последен пат имала констакт со С.М. на 7 декември.
По извршениот претрес во домот на С.М., уапсена беше и неговата сопруга Ѓ.В. (48) која во полициска станица признала дека нејзиниот маж со пиштол ја убил жената и кажала каде е закопана. Телото беше пронајдено и предадено на обдукција.

