Планинската убавица на Делчево, Голак, веќе долги години не функционира и не претставува место привлечно за одмор во секое време од годината, освен за локалното население. На планината, која порано претставуваше вистинско место за одмор надвор од урбаниот хаос, но и делчевско планинско уживање на чист воздух, денеска е заборавена, а капацитетите како што е детското одмаралиште кое броеше повеќе од 180 легла е руинирано и нефункционално.
Во изминатите години постојано се поставуваше прашањето, дали Голак може да го врати препознатливиот сјај, а со тоа повторно да стане туристичка атракција, привлечна, не само за локалното население, туку и пошироко.
По долгогодишни ветувања од политичарите, првата надеж дека Голак конечно ќе заживее дојде откако пред неколку години започна асфалтирањето на дотогаш лошиот пат во должина од околу 12 километри кој беше поплочен со големи кратери и дупки, а кој веќе е целосно реконструиран и функционален за посетителите на планината. За волја на вистината, ова беше еден од најзначајните чекори кои би можеле да придонесат за развој на туризмот во Делчево, но не и единствен.
Она што сега е значајно е дали државата ќе се обиде да привлече што поголем број на инвестиции за да се оствари можноста за изградба на хотели и ресторани, вили, викенд – куќички со цел Голак да стане центар каде што посетителите ќе можат да уживаат во неговата убавина. Поранешниот премиер Никола Груевски во март 2016 најави дека МЕПСО по инструкции од владата ќе инвестира околу 3 до 3,5 милиони евра во скијачки центар и жичара на Голак. Но колку владата и локалната власт на која детското одмаралиште и е дадено на долготрајно користење, нуди поволности за самите инвеститори и што е она кое може да ги поттикне инвеститорите да превземат еден таков чекор за инвестирање, со кој би помогнале Голак повторно да стане туристичка атракција?
За оваа цел, екипата на Поглед.мк стапи во контакт со делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, за да го слушнеме неговото мислење, плановите на општината, но и за тоа да видиме каква е соработката меѓу локалната и централната власт по однос на ова прашање.
Изјава на градоначалникот Горан Трајковски:
Враќањето на сјајот на Голак е еден од нашите приоритети и адут за развој на туризмот. Мора да истакнам дека општината има уредено пешачка и велосипедска патека со должина од 5800 метри, детска патека на шумските жители во должина од околу 900 метри, на планината има терени за мал фудбал, ракомет, кошарка и одбојка.
Општината има изготвено Детален урбанистички план за планината Голак уште во 2005 година. Во овој ДУП се предвидени да се изградат околу 60 најразлични објекти хотели, објекти од областа на социјалата, кампинг- простори. Околу 20 од овие локации вклучувајќи ја и локацијата за хотел се отуѓени и општината очекува овие објекти да се изградат. Исто така, Општината има изготвено техничка документација за третирање на отпадните води на планината Голак. Од неодамна на општината ѝ е отстапено руинираното детсткото одмаралиште за кое сега се бара јавен- приватен партнер. МЕПСО како општествено одговорна компанија има изработено техничка документација за изградба на ски- центар на планината Голак, по примерот на Осогово. Општина Делчево и МЕПСО имаат Меморандум за соработка за изградба на овој центар, но засега не можеме точно да информираме дали и кога би се продолжил проектот за изградба на ски-центар на Голак.
Ние како Општина, остануваме посветени на развојот на туризмот на Голак и, во таа смисла, ќе ги користиме сите повици од донатори, но и од државните органи, за реализација на инфраструктурни проекти на Голак, но и за внесување нови содржини кои ќе ги донесат туристите на оваа наша планинска убавица.