Актуелниот Ф1 шампион, Британецот Луис Хамилтон победи на последната трка во Кина а зад него беше неговиот голем конкурент за титулата Себастијан Фетел. Луис Хамилтон по победата изјави дека ова ќе биде битка до последниот атом на сили и до последиот круг во оваа календарска година, исто така тој истакна дека го почитува Себастијан Фетел како никој друг возач до сега.
„За мене е привилегија да се натпреварувам со четирикратен светски шампион како Фетел. Тој е во најдобра форма и го покажува тоа со фантастичната брзина на патеката. Не дозволува грешки во своето возење и ако е во силен болид, тешко можеш да го запреш. Тоа ја прави победата во Шангај уште подрагоцена за мене, а верувам дека така беше и за него на првата трка во Австралија. Имам респект за Себастијан како кон никој друг“, порача Хамилтон.
Британецот покрај другото истакна и дека „тепачки“ на патеката се дозволени, затоа што тоа го прави овој спорт толку возбудлив.
„Бидете сигурни дека и двајцата сакаме „да се истепаме“ на патеката, но кога ќе излеземе од болидите и ќе се видиме на подиумот, имаме взаемно почитување. Навистина верувам дека битката за победите ќе продолжи со истото темпо до последната трка, како што беше во првите две. Не го велам тоа за да залажувам некого или за да им се допаднам на Ферари, но дефинитивно тие завршија голема работа за кратко време“, изјави возачот на Мерцедес.