Вицепремиерот Александар Николоски денеска пред пратениците ја образложи одлуката на Владата да го предложи Ненад Савески за нов државен јавен обвинител, оценувајќи го како професионалец со сериозна и беспрекорна кариера.
Тој нагласи дека Савески е еден од светлите примери во македонското правосудство, од кого се очекуваат конкретни резултати и подобрување на состојбите. Според Николоски, за ефикасна правда потребни се тимска работа и координација, бидејќи „еден човек не може сам“.
Николоски повтори дека довербата на граѓаните во правосудството е на многу ниско ниво, околу два процента.
За избор на Савески се потребни најмалку 61 пратенички глас. Тој е еден од четворицата кандидати со позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.
Доколку биде избран, Савески ќе го наследи Љупчо Коцевски, кој минатата година поднесе неотповиклива оставка во пресрет на собраниската расправа за неговата интерпелација, тврдејќи дека иницијативата има политичка позадина.

