19.8 C
Skopje
среда, април 29, 2026

Златко Начовски: Премиерот Мицкоски е главниот двигател на обновата на спомен-домот на Разловечкото востание

Разговараме со директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Златко Начовски, за обновата на спомен-домот посветен на Разловечко востание, значењето на овој проект и активностите поврзани со неговата реализација.

ПОГЛЕД: Директоре Начовски, годинава се одбележуваат 150 години од Разловечко востание – колку е важно ова одбележување за Делчево и за националната историска свест?

Разловечко востание претставува силен симбол на непокорот и непоколебливата желба за слобода на македонскиот народ. За нас, ова востание не е само историски настан, туку темел на нашето национално достоинство и колективна меморија. Тоа е наследство со кое се гордееме и кое имаме обврска трајно да го негуваме и вреднуваме, како едно од клучните востанија во борбата за слобода.

ПОГЛЕД: Директоре Начовски, каква е улогата на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ во обновата на спомен – домот на Разловечко востание?

Како национална установа, имаме сериозна и одговорна задача да го уредиме внатрешниот простор на спомен-домот со соодветни и содржински богати елементи. Ќе биде поставена современо конципирана историска поставка посветена на Разловечко востание, која ќе овозможи автентично и едукативно доживување на настаните. Предвидена е и мултимедијална просторија, наменета за одржување состаноци, презентации и едукативни активности. За оваа цел веќе формиравме стручен тим, кој ќе работи на коценпцискиот дел на изложбената историска поставка. Во понатамошната фаза се планира и етнолошки сегмент, како и библиотека со конференциски капацитет, со што спомен-домот ќе добие поширока културна и образовна функција.

ПОГЛЕД: Директоре Начовски, веќе се направени неколку увиди во градежните активности – дали сте задоволни од динамиката и дали очекувате навремена реализација?

Како што и самите напоменавте, редовно се врши увид од страна на надзорот, како и од претставници на Министерството. Пред само неколку дена во посета на спомен-домот беше и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој беше запознаен со текот на градежните активности.

Дополнително, важно е да се истакне дека самите градежни активности ги изведува НУ Национален конзерваторски центар од Скопје. Во разговор со надлежните од институцијата, работите во најголема мера би требало да бидат завршени до одбележувањето на 150 години од Разловечко востание.

ПОГЛЕД: Директоре Начовски, Општина Делчево е целосно вклучена во организацијата на одбележувањето, на кое се очекува присуство и на премиерот Христијан Мицкоски – како ја оценувате соработката и колку тоа го подигнува нивото на самиот настан?

Најголемиот придонес за овој проект и најголемата заслуга за неговото целосно обновување му припаѓа токму на премиерот Христијан Мицкоски, кој уште пред да стане премиер, заедно со градоначалникот Иван Гоцевски ја најавија оваа иницијатива.

Постојано сме во контакт со градоначалникот и претставниците на Општина Делчево, а Центарот за култура е активно вклучен во организацијата на настаните. Градоначалникот има формирано тим кој секојдневно работи на успешна реализација на овој значаен јубилеј, со цел настаните да бидат организирани на највисоко ниво.

Во оваа прилика изразуваме искрена благодарност до градоначалникот Иван Гоцевски за неговата посветеност и поддршка, како и за целокупниот ангажман во реализацијата на овој значаен јубилеј од страна на тимот во општината.

Самото внимание што се посветува од страна на Владата, министерството за култура и туризам и локалната самоуправа говори за тоа колку значаен ќе биде овој настан.

ПОГЛЕД: Директоре Начовски, со оглед на значењето на Разловечко востание и обновата на спомен-домот, какво искуство и чувство би сакале да им остави неговата посета на граѓаните, особено на младите генерации?

Нашата цел е секој посетител да замине од спомен-домот со силна емоција, чувство на гордост и продлабочена поврзаност со сопствената историја.
Овој простор треба да биде место каде што минатото ќе „оживее“ на современ и достоинствен начин, а пораките за слобода, истрајност и национално достоинство ќе се пренесуваат јасно и силно. Веруваме дека спомен-домот ќе остане траен сведок на борбата за слобода и важен потсетник на вредностите кои како народ треба да ги негуваме и пренесуваме на идните генерации.

поврзани објави

Последни објави