Пет дена СДСМ и Венко Филипче слават и се радуваат на победата на Тиса и на Петер Маѓар во Унгарија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Гледајќи ја еуфоријата која владее на Бихаќка, човек би помислил дека СДСМ победиле и Филипче само што не станал премиер. До тоа дереџе стигнале СДСМ и Филипче, наместо да бидат кредибилна опозиција и коректив на власта во Македонија, тие се занимаваат со избори во друга држава“, се вели во соопшението.
Радувањето на СДСМ и Филипче за изборните резултати во пријателска Унгарија е неразбирливо, од причина што сепак победник е партија која е сестринска на ВМРО-ДПМНЕ, додека пак нивната сестринска партија освои околу 1% од гласовите и остана надвор од Парламентот, се додава во соопштението.
„До толку да беа ангажирани и да ги анализираа изборните резултати кај нас на кои станаа трета партија во државата, можеби до сега ќе ја консолидираа СДСМ која со секоја следна анкета има се послаб рејтинг. Наместо реформи, аргументирани критики и издржани предлози, од СДСМ и Филипче гледаме само ширење лаги, демагогии и празни флоскули на кои никој не им верува, што резултира со доверба од граѓаните на праг од статистичка грешка“, порача партијата.
Наместо фокусот на изборите во Унгарија, се додава во соопштението, СДСМ и Филипче енергијата треба да ја насочат во сопствените редови.
„Треба да се запрашаат зошто сите поранешни функционери бегаат од нив, додека пак актуелни се дистанцираат и водат различна политика од лојалистите на Зоран Заев, кој ги предводи токму Венко Филипче. Друго за што Филипче треба да се запраша и на што треба да ја насочи енергијата, барем сега кога поради кризата не може да оди во Дубаи, зошто само 60-тина проценти од делегатите му дојдоа на партискиот конгрес? Кога веќе СДСМ и Филипче повеќе се занимаваат со унгарските избори, отколку со консолидирање на партијата, ги прашуваме дали репер за нив е нивната сестринска партија која освои само 1 процент од гласовите и дали целта им е да стигнат до тоа ниво на гласови? Затоа што со овие антидржавни политики, кои се синоним за политиките на Заев, СДСМ под водство на Филипче, несомнено ќе стане маргинална партија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

