За време на викендот времето претпладне ќе биде сончево и топло, но попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Од УХМР предупредуваат дека поради големата енергија во атмосферата, локално процесите може да прераснат во поинтензивно невреме.

„Заради големата енергија во атмосферата локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и појава на град“, наведуваат од УХМР.
Слично време се очекува и во главниот град. Во Скопје за време на викендот претпладне ќе преовладува сончево и топло време, додека во попладневните часови ќе дојде до развој на нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Во одделни делови од Скопската Котлина процесите исто така ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и услови за појава на град.




