ПОГЛЕД: Градоначалник, речиси една година сте на чело на Општина Виница. Кога денес ќе направите пресек, кои три работи би ги издвоиле како најголем резултат од досегашниот мандат?
За секоја една од најголема па до најмала работа направена за граѓаните на Општина Виница ми значи многу, но како три работи би ги издвоил:

-Тоа што после подолг временски период, а по интензивирање на градежните работи откако стапив на функцијата градоначалник, конечно граѓаните на Општина Виница, но и на околните градови и населени места, добија нов модерен затворен градски пазар. За овој проект сакам да искажам благодарност и до поранешниот градоначалник Миле Петков, кој исто така имаше удел за неговата реализација.
-Реконструкцијата на спортските терени во ООУ „Гоце Делчев“ – Виница. Спортските игралишта за ракомет и кошарка добија целосно нов, модерен и функционален изглед. Старата и дотраена асфалтна подлога беше заменета со современа еластична спортска подлога (тартан), поставени беа нови кошаркарски табли, нови ракометни голови со нови мрежи, како и нова заштитна ограда околу терените. За реализација на овој проект сакам да искажам благодарност и до директорот на училиштето Дејан Михајлов, пратеничката во Собранието на РМ Даниела Христова и секако премиерот Христијан Мицкоски.
-И трета работа која можеби најмногу ми значи е тоа што во делот на подобрување и заштита на животна средина многу се заложивме и спроведовме бројни акции за чистење на јавни површини, речни корита, одводни канали, отстранувања и чистење и на мини депонии, хаварисани возила, кастрење на голем број дрвја на јавни површни кои со години беа запоставени, обликување и уредување на украсните дрвја на градскиот плоштад, отстранивме нефунционални времени објекти(бараки) и просторот го уредивме и обезбедивме дополнителни паркинг места, извршевме замена на стари и дотраени канти, како и поставување нови канти за отпадоци на повеќе локации низ територијата на Општина Виница, по 20 години надвор од употреба, извршивме целосна реконструкција и уредување на јавите тоалети на градскиот плоштад и уште многу активности за подобрување на животната средина и подобрување на условите во јавните простори во Општина Виница
ПОГЛЕД: Во каква финансиска и инфраструктурна состојба ја затекнавте Општина Виница и колку таа состојба влијаеше врз вашите првични планови и приоритети?
Пред да стапам на функцијата градоначалник, имаше една градежна офанзива во Општина Виница која ја продолживме и овие 10-тина месеци максимално, реализирајќи ги со засилено темпо сите инфраструктурни проекти кои беа започнати, дополнително започнавме нови десетици проекти, од кои веќе дел завршивме, а дел се во завршна фаза. За поголемиот дел од овие проекти беа обезбедени финансиски средства од централната власт и ресорните министерства, но за дел беа обезбедени финансиски средства и од општинскиот буџет, па како превземени обврски околу 20-тина милиони денари исплативме кон изведувачите. Како и да е таквата финансиска и инфраструктурна состојба која ја затекнавме не влијаеше многу на нашите планови и приоритети бидејќи истите тие проекти беа дел од нашата програма, а за започнатите проекти и превземени обврски веќе бевме запознаени.
ПОГЛЕД: Во изминатиот период започнавте повеќе инфраструктурни зафати – улици, водоводна и канализациска мрежа и други комунални проекти. Кои од нив се веќе завршени, кои се во тек и што граѓаните реално можат да очекуваат до крајот на 2026 година?
Изминатите 10-тина месеци реализиравме огромен дел на проекти ќе набројам само дел од нив кои се целосно завршени, реконструкција на улиците „Пролетерска“, „Ѓорче Петров“, „Кочо Рацин“ и „Раде Кратовче“-блок 8 град Виница, реконструкција на кровот на основното училиште “Никола Парапунов” во село Драгобраште, изработка на сообраќаен проект за поголемиот дел од град Виница, изградба на нови улици во село Црн Камен и село Јакимово и реконструкција на улица „Страшо Пинџур“ во Виница, ново сензорно осветлување на градскиот парк и паркингот пред стадионот, поставени се инвертер клими за затоплување и ладење на „Сината Сала“ при Домот на културата, извршивме целосна реконструкција на кровот на административната зграда на Општина Виница, изградба на уште една улица во село Јакимово-дел од „Улица 4“, реконструкција на водоводната и канализационата мрежа на улица „Ванчо Прке“ во Виница и потоа целосна реконструкција на истата улица, реконструкција на главната улица во село Градец, го асфалтиравме и патот кој ги поврзува старите со новите градски гробишта, извршивме промена на околу 300 постоечки светилки со ЛЕД светилки со поголема енергетска ефикасност, извршивме пробивање и тампонирање на дел од улица „Пере Тошев“ и дел од улица „Вера Ацева“ во Виница, реконструкција на општинскиот локален пат делница Блатец-Детлово-втора фаза, во село Калиманци во м.в. Висока извршивме расчитување, порамнување и проширување на патот до Пресечка маала, во село Грљани во м.в. Преслапо – Шенкевско маало извршивме порамнување и тампонирање на земјен пат, извршивме порамнување и тампонирање на земјениот пат до Трсинска брана, извршивме поплочување на три улици во село Истибања, како и изградбата на тротоарот на влезот во селото, извршивме поплочување на две улици во село Градец, завршена е реализацијата на проектот Регулација на „Кајанечки дол“ во село Истибања, изградбата на нова улица во село Блатец, извршивме поплочување на шест краци од улици, како и поплочувањето на паркинг-просторот на улицата „Илинденска“ во Виница и други.
Во однос на проектите кои граѓаните можат да ги очекуваат до крајот на оваа година се регулација на Виничка река, изградба на нова канализациона мрежа на ул. „Кузман Јосифовски Питу“ во Виница, набавка на трактор со кабина и предни полуги и современа приклучна механизација, предна даска за чистење на снег, тракторска приколка со дупли канати, мултифункционална хидраулична рака и тракторски ножици за кастрење на гранки и хоризонтално и вертикално уредување на вегетацијата покрај патните правци и јавните површини, изградба на ново детско катче во градскиот парк и други.
ПОГЛЕД: Кој е најголемиот капитален проект што сакате да остане зад вас по завршувањето на мандатот?
Како што спомнав погоре еден од капиталните проекти, иако не беше започнат од мене е затворениот градскиот пазар, но работиме на други капитални проекти за кои прилично сум убеден дека со помош на централната власт ќе ги реализираме. Ќе издвојам два, а тоа се спортска сала во ООУ „Гоце Делчев“ и кружен тек на јакимовски пат, проект кој беше ветуван од многу градоначалници пред мене.
ПОГЛЕД: Помалите општини во источна Македонија располагаат со ограничени сопствени буџети и тешко можат самостојно да реализираат големи капитални инвестиции. Колкава поддршка има Виница денес од Владата и централната власт?
Точно е дека располагаме со ограничени буџети и реализацијата на огромни капитални проекти без поддршка на централната власт, практично е невозножна. Со новата Влада поддршката не само за помалите туку и за поголемите општини е огромна и се брои во неколку милиони евра инвестиции во инфраструктурни проекти.
ПОГЛЕД: Колкава е вкупната вредност на проектите што Општина Виница досега успеала да ги обезбеди преку Владата, министерствата и останатите државни институции и колку таа помош го забрзува развојот на општината?
Доколку мислите на поддршката од првиот и вториот повик за аплицирање за инфраструктурни проекти од унгарскиот кедит таа изнесуваше 40 милиони денари за првиот повик и 120 милиони денари за вториот повик со кои средства реализиравме 14 проекти и само уште еден е во тек на реализација.
ПОГЛЕД: Дали сметате дека источна Македонија со години беше инфраструктурно и економски запоставена и чувствувате ли дека денес се менува односот на централната власт кон Виница, Кочани, Делчево и останатите општини од Истокот?
Не само јас мислам дека и повеќето од граѓаните го делеа тоа мислење, но исто така мислам дека работите полека се менуваат и најавите за поголеми инфраструктурни проекти, како експресниот пат Кочани-Виница-Делчево се само еден доказ дека работите се менуваат.
ПОГЛЕД: Еден од најзначајните најавени инфраструктурни проекти за целиот регион е експресниот пат Делчево – Виница – Кочани. Што конкретно знаете за динамиката на проектот и кога очекувате граѓаните да видат конкретна реализација на терен?
Она што го знам и го очекувам е дека оваа година ќе дојдеме до физибилити студија, предпроектно решение и останатата потребна документација за патот, за конечно следната година да се започне со тендер за изградба.
ПОГЛЕД: Токму работните места се едно од клучните прашања, особено за младите. Има ли Виница конкретен план за отворање нови работни места и создавање услови младите својата иднина да ја гледаат тука?
Виница со години наназад нема проблем со невработеноста, напротив од соседните општини луѓе се вработуваат во виничките фирми. А секако ние како општина секогаш стоиме на располагање и во рами на можностите и надлежностите ги помагаме сите винички фирми од најмалите па до најголемите.
ПОГЛЕД: Во изминатиот период имавме инвестиции и во спортската инфраструктура. Што е следно – нови спортски игралишта, подобри услови за клубовите, поголема финансиска поддршка или нови капитални инвестиции во спортот?
Како што спомнав погоре се надеваме во најкус можен рок Виница да добие нова спортска сала со трибински простор, а паралелно со инвестирањето во спортската инфраструктура спортските клубови во Виница секоја година имаат и финансиска поддршка од општината.
ПОГЛЕД: Колку Општината може да застане зад ФК Слога 1934 и останатите локални спортски клубови? Имате ли амбиција Виница повторно да добие посилно место на македонската спортска карта?
Слога е бренд на градот и силно ќе се заложам да ја вратиме онаму каде што заслужува. Имаме еден амбициозен проект за клубот и сметам дека со поддршка од општината и бизнис секторот ќе помогнеме Слога уште оваа година да се бори за пласман во Втора лига. Секако не ги запоставуваме и не изостанува поддршката од општината и за другите клубови.
ПОГЛЕД: Развојот на една општина не значи инвестиции само во градското подрачје. Што конкретно планирате за Блатец, Градец, Пекљани и останатите населени места во Општина Виница?
Мислам дека овие 10-тина месеци покажавме дека подеднакво инвестираме како во градот така и во населените места, над 30 милиони денари се инвестирани во нови улици во селата, имавме еден капитален проект во село Истибања регулација на „Кајанечки дол“ во вредност од 20 милиони денари, Локален пат Блатец-Детлово во вредност од 25 милиони денари, инвестиравме во нови водоводи и канализации. И ќе продолжиме со изградба на нови улици и реконструкција на постоечки во сите населени места, со подобрување на водоснадувањето на дел од населените места и со изградба на канализациона мрежа онаму каде што ја нема. И за тоа работиме, спремаме проектна документација и реализацијата ќе биде реалност.
ПОГЛЕД: Покрај инфраструктурата, важен е и изгледот и квалитетот на живот во градот. Каква Виница сакате да видиме до крајот на вашиот мандат – инфраструктурно, урбано и еколошки?
Инфраструктурно, приоритет ми е да имаме подобри улици и тротоари, уредени јавни површини и безбедна инфраструктура за пешаци и велосипедисти. Посебно внимание треба да посветиме и на населените места и на инфраструктурата што директно влијае врз секојдневието на граѓаните.
Урбано, сакам Виница да има препознатлив и уреден изглед. Тоа значи повеќе зелени и јавни простори, подобро одржуван парк, плоштад и детски игралишта, и сообраќајни решенија што ќе го направат центарот попристапен и попријатен за живеење. Градот треба да се развива плански, а не стихијно.
Еколошки, целта е Виница да биде почиста и поздрава општина. Тоа подразбира одржување на зеленилото, подобро управување со отпадот, почисти јавни површини, одговорно одржување на реките и водотеците.
ПОГЛЕД: Влегуваме во период во кој ќе се дефинираат приоритетите за следната година. Кои се трите најголеми капитални инвестиции што сакате да ги реализирате во Виница во 2027 година?
Иако со сигурност не можам да кажам дека ќе ги реализираме сите бидејќи реализацијата на истите зависи од повеќе фактори, а некои од нив директно не зависат од нас, сепак планираме во 2027 година нова спортска сала, нов кружен тек и делумна реализација на сообраќајниот проект за поширокото централно подрачје во градот со кој планираме да обезбедиме повеќе паркинг места, да се постават заштитни столбчиња низ целиот град на забранетите места за паркирање, да се обновува целата хоризонтална и вертикална сигнализација, поставување на лежечки полицајци и зони на смирен сообраќај каде е потребно и промена на режим на сообраќај на одредени улици.
ПОГЛЕД: Кое ветување што сте им го дале на виничани сè уште не сте успеале да го реализирате и кога граѓаните можат да очекуваат тоа да стане реалност?
Бидејќи само 10 месеци сум градоначалник и преостанува повеќе од 3 години до крајот на мандатот, секако дека останаа нерелизарни ветувања кои планираме да ги реализираме наредните години. Како што одговорив во претходното прашања 3 од нив се изградба на спортска сала, кружен тек на јакимовски пат и подобрување на состојбата со сообраќајот и паркингот во градот, за кои работиме што е можно побрзо да ги реализираме. Остануваат и други ветувања како што се проекти за подобрување на патната инфраструктура, водоснабдувањето во одредени населени места и слично.
ПОГЛЕД: И за крај, ако во 2029 година го завршите мандатот онака како што сте го замислиле, каква Виница сакате да оставите зад себе? Која треба да биде најголемата разлика меѓу Виница што ја презедовте и Виница по завршувањето на вашиот мандат?
Ако во 2029 година го завршиме мандатот онака како што сме го замислиле, сакам да оставиме Виница што е поуредна, поразвиена и, пред сè, повторно полна со самодоверба и перспектива.
Не сакам најголемата разлика да биде само во новите улици, реконструираните објекти или реализираните проекти, иако и тие се важни. Сакам најголемата разлика да се почувствува во квалиетот на животот и во односот на граѓаните кон својот град. Да има повеќе можности за младите, подобри услови за бизнис, почиста и поуредна општина, подобра инфраструктура и услуги што функционираат.
Најмногу од сè, сакам Виница во 2029 година да биде општина во која млад човек ќе гледа причина да остане, семејство ќе гледа сигурна иднина, а човек што заминал ќе има причина да се врати.




