Мицкоски: Новите когенеративни капацитети на „TESSA Energy“ се значајна инвестиција за енергетската сигурност




Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на свеченото отворање и пуштање во работа на новите когенеративни капацитети на компанијата „TESSA Energy“, приватна инвестиција во енергетскиот сектор која овозможува истовремено производство на топлинска и електрична енергија.
Мицкоски оцени дека станува збор за современ и значаен проект кој доаѓа во важен период, непосредно пред почетокот на грејната сезона, и кој ќе придонесе кон поголема енергетска сигурност и поефикасно користење на ресурсите.
„Ваквите инвестиции значат и подобар квалитет на животната средина, преку намалување на емисиите на штетни честички и создавање почисти и поодржливи енергетски решенија“, истакна премиерот.
Тој нагласи дека Владата ќе продолжи да ги поддржува инвестициите кои носат современи технологии, нови енергетски капацитети и конкретни придобивки за граѓаните.
„Како Влада ќе продолжиме да ги поддржуваме проектите кои носат нови инвестиции, современи технологии и директна придобивка за граѓаните. Нека е аирлија и нека се множат ваквите успешни проекти“, порача Мицкоски.




