18.8 C
Skopje
сабота, септември 12, 2026

КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ПРОТИВ 27 ЛИЦА ЗА ФАЛСИФИКУВАНИ ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ – ВРАБОТЕНА ВО МВР ОСОМНИЧЕНА ЗА 22 КРИВИЧНИ ДЕЛА

КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ПРОТИВ 27 ЛИЦА ЗА ФАЛСИФИКУВАНИ ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ – ВРАБОТЕНА ВО МВР ОСОМНИЧЕНА ЗА 22 КРИВИЧНИ ДЕЛА

Кривични пријави се поднесени против 27 лица, меѓу кои и вработена во Министерството за внатрешни работи, поради сомнение за незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба.

Според МВР, истрагата открила злоупотреби во постапките за издавање возачки дозволи, при што преку незаконски измени во електронскиот систем биле внесувани категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови.

Вработената во Одделението за управни работи Скопје се сомничи дека во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, користејќи ја службената шифра и овластувањата, незаконски менувала претходно креирани барања за издавање возачки дозволи.

На овој начин, според МВР, во возачките дозволи на 21 лице биле внесени категории за кои немале положено соодветен испит, додека во еден случај постапката останала во обид.

Истрагата утврдила и дека четири лица посредувале во незаконското издавање на дозволите, така што пронаоѓале заинтересирани лица, ги поврзувале со вработената во МВР и ја координирале постапката до внесувањето и одобрувањето на категориите во системот.

За вработената постојат основи на сомнение за 22 кривични дела „фалсификување исправа“, како и за уште едно такво дело во обид.
Дополнително, шест лица ги употребиле незаконски издадените возачки дозволи при преминување на државната граница, а две од нив ги користеле и во постапки за добивање сертификати за професионална компетентност за возачи во меѓународен превоз на патници и стоки.

Обвинителството побара притвор за вработената во МВР и за две лица кои повеќепати ги употребувале спорните дозволи за управување возила во меѓународен превоз. За 17 лица се предложени мерки на претпазливост, додека седум лица во моментов се недостапни за органите на прогонот.
МВР го известило и Министерството за транспорт и побарало вонреден надзор над правните лица кои вршат обука или посредуваат при издавање сертификати за професионална компетентност, како и преиспитување на законитоста на веќе издадените сертификати.

Против осомничената вработена ќе биде поведена и постапка за утврдување дисциплинска одговорност, а предвидена е и нејзина суспензија од работното место до завршување на постапката.
Според објавените информации, истата вработена и претходно била предмет на постапка за злоупотреби при издавање лични документи. Во 2021 година била отпуштена од МВР, а во 2025 година била вратена на работа со судска одлука.
Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со истрагата, која треба да утврди дали во случајот биле вклучени и други лица – вработени во МВР, посредници или корисници на незаконски издадените документи

поврзани објави

Последни објави