-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

ФОТО: Книгата „Спомени“ од Васил Хаџи Кимов денеска промовирана во Штип

Книгата „Спомени“ од Васил Хаџи Кимов денеска беше промовирана во Штип. Хаџи Кимов во дваесетите години станува член на комунистичката партија, потоа влегува во младинската организација на ВМРО, потоа заминува во Бугарија каде дејствува до 41. година.


Хаџи Кимов бил приврзаник на ВМРО на Александар Протуѓеров и член на ВМРО Обединета. Оригиналните материјали од Хаџи Кимов се чуваат во централниот државен архив во Софија. Книгата е пишувана точно онака како што стои во самите документи, без да се менува нешто во нив.

„Уште како ученик во гимназија, во 1922 година станува член на Комунистичката партија на Југославија, за три години подоцна ќе стане член на ММТРО (Младинска Македонска Тајна Револуционерна Организација). За време на Втората светска војна бил организационен секретар на Бугарскиот Централен Акционен Комитет, за што по војната бил осуден на повеќегодишна затворска казна. По издржувањето на казната работел во библиотеката „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Долго време живеел и работел во Бугарија. Се вратил во родниот Штип во 1991 година, каде и починал“, кажа Кире Филов, приредувач на Спомените на Хаџи Кимов.

Промоторот на ова научно дело Проф. Д-р Трајче Стојанов за време на промоцијата истакна дека спомените на Хаџи Кимов се исклучително интересно и повеќе слојно дело, што може да се проучува од повеќе аспекти.

„Од литературен аспект може да се проучува стилот на пишувањето, за психолозите интересна би била личноста на Хаџи Кимов која се оцртува во книгата, а за историчарите влијанието на Бугарија во формирањето на комитети во Македонија“. Промоторот додаде дека ова дело би било интересно и за политичарите од организациона смисла, бидејќи Хаџи Кимов успеал за само 11 дена да ги создаде поголемиот дел од ограноците на Бугарскиот Централен Акционен Комитет на територијата на Вардарска Македонија.

Целта на издавањето на овие „Спомени“ е да се обедини стручната и научната јавност од двете земји, Македонија и Бугарија, да се донесат заеднички заклучоци кои ќе придонесат за решавање на нерешените дилеми и прашања и конечно да се решат споровите кои стојат на патот на нашиот заеднички напредок во еден европски балкан.

поврзани објави

Последни објави