Идниот претседател, а сегашен премиер на Република Србија, Александар Вучиќ случувањата во Македонија не ги третира само како македонски проблем, туку и нивни, односно проблем на сите оние кои живеат на Балканот.
На прашањето на Танјуг, како го гледа на она што се случува во Македонија и што би била неговата порака до граѓаните на Македонија, Вучиќ одговори:
„Како претседател на Владата на Србија и како избран претседател на Република Србија секогаш сум правел се за одржување на најдобри односи меѓу Белград и Скопје, меѓу Србија и Македонија. Мислам дека граѓаните на Македонија добро го знаат тоа и дека го почитуваат начинот на кој Република Србија се однесува кон граѓаните на Македонија, а и кон самата земја. Многу сум загрижен поради синоќешните случувања и мојата единствена порака е, а мислам дека луѓето во Македонија добро знаат дека тоа доаѓа од нивен искрен пријател, да ги замолам сите проблеми и несогласувања да ги решаваат на мирен начин, и ако имам какво било право да кажам дека смирувањето на ситуацијата сосема сигурно е во најголем интерес и за Македонија и за нејзините граѓани, а сите други работи и сите други проблеми можат да се решаваат на преговарачката маса, на мирен начин, во мирна атмосфера“, нагласи Вучиќ.
Тој повика на смиреност и прекинувае на сите проблеми со цел да се обезбеди мир и стабилност на Балканот.
„И поради тоа ги замолувам сите во Македонија, оние кои ми се познаници и пријатели, но и оние кои не ги познавам, оваа порака да ја сфатат како добронамерна и да направат се за повторно да завладее мир и безбедност за сите граѓани на Македонија, а во Србија секогаш ќе имате искрен и посветен пријател, заклучи новоизбраниот српски претседател“, рече Вучиќ.