13.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Македонија е на СП – младите ракометари ја демолираа Турција!

Македонската репрезентација  до 21 година успеjа да се пласира на Светското првенство 2017 кое ќе се игра во Алжир, откако во последниот натпревар ја демолираше Турција со високи 39:19.

Во последното коло со Португалија влеговме со еднаков број на бодови, по синоќешното меѓусебно реми, па јасно беше дека гол-разиката ќе одлучува за првото место и патникот на СП во Алжир.

Порано во текот на денот Португалија ја победи Полска убедливо со 34:21, поради што беше јасно дека на Македонија ќе и биде потребно победа од 19 или повеќе голови, за да се избори пласман на првата позиција.

„Кале“ не беше исполнет, но присутната публика им даде одлична поддршка на нашите ракометари. Уште од стартот на средбата се градеше постепено разлика, која на крајот од првиот дел изнесуваше 22:13.

Одлично продолживме во вториот дел, каде по 14 минути, Турција имаше постигнато само еден гол, па веќе имавме обезбедено солидна предност, која го најавуваше посакуваниот финиш. По мал застој, ракометарите тргнаа во завршен напад, со сите сили кон противничкиот гол, успевајќи да обезбедат победа од 39:19.

Најефикасен во таборот на Македонија беше Мице Шилегов со 10 голови, Филип Талески имаше 9, Давор Палевски 7. Одличен на голот беше и Никола Даниловски со 14 интервенции. Кај Турците по пет голови постигнаа Остурк и Езалп.

поврзани објави

Последни објави