8.8 C
Skopje
Wednesday, December 11, 2024

Село до Благоевград со повеќе македонски државјани од општината Македонска Каменица

Пред околу еден месец бугарските медиуми објавија многу интересен податок поврзан со најголемото изборно место во нашиот источен сосед. Се работи за селото Бело Поле, кое се наоѓа на само 5 километри од Благоевград. За време на последните избори во Бугарија, во селото што брои 650 луѓе биле регистрирани 10 илјади гласачи. Основна причина за тоа, се огромниот број македонски државјани, кои имаат и бугарски државјанства и се регистрирани со адреса на живеење во ова благоевградско село.

Според материјалот објавен во бугарскиот весник 24 часа, излегува дека ова мало село во Пиринско има повеќе регистрирани македонски државјани во споредба со општината Македонска Каменица, која според последниот спроведен попис во 2002 година, брои 8110 жители. За жал поради фактот дека во Македонија веќе 15 години не е спроведен попис на населението, нема официјални податоци за тоа каква е ситуацијата во таа македонска општина.

Трендот на иселување од општините во источниот дел на Македонија е нешто, што треба да ги загрижи надлежните институции. Најгласен околу овој проблем низ годините е поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, кој на неколку пати алармираше за тоа дека „белата чума“, го јаде источниот дел на Македонија.

Делчо Гошев, во Делчево познат како „Делчо Транс“ 16 години помага за посредување на бугарско државјанство и добивање бугарски пасош. Тој за нашиот портал вели дека според неговите сонанија во Благоевград има сигурно над 30. 000 регистрирани Македонци.

„Во Благоевград сум сигурен дека има над 30. 000 регистрирани Македонци. Во село „Бело Поле“ тие сигурно се над 9. 000, а по неколку илјади има и во селата Логодаш, Рилци, Лешко Покровник и во неколку други села. 

Иселувањето мислам дека нема да престане во блиска иднина, напротив, мислам дека се поголем број на Македонци ќе земаат бугарско државјанство. Јас во тоа не гледам ништо лошо, бидеќи според мене благодет е да се поседува и друго државјанство, особено бугарското, бидејќи со нив сме како браќа и тие се единствените кои во секој момент може да ни помогнат“, вели Гошев.

Тој вели дека покрај младите од 18-30 годишна возраст, Бугарски пасош земаат и постарите луѓе кои заминуваат во странство, гледајќи да заработат некој денар повеќе со кој ќе може да го прехранат своето семејство.

 

поврзани објави

Последни објави