Пишува: Атанас Величков
Има една земја на Балканот што е еден г’з место, ама претензиите и се поголеми од Империјата на Џингис хан.
Има една земја на Балканот, каде жените се најубави и од мали знаат да готват (барем повеќето).
Има една земја на Балканот, каде има мажи, кои си ги тепаат жените и тоа се прифаќа како „нормални семејни односи“.
Има една земја на Балканот, каде можеш да начукаш едно 5-6 деца, да не си фатил работа со години и да чекаш некоја телевизиска екипа да дојде да ти донесе влажни марамчиња и евтини сокови (негазирани, оти газираното нели е штетно). Откако ќе ја дочекаш екипата, почнуваш да кукаш дека немаш со што да ги прехраниш душичките, кои ни криви ни должни си ги создал за да се мачат давејќи се во твоето духовно и материјално мизерување.
Има една земја на Балканот, каде брат на брат крева рака (или секира) за еден метар дворно место (недолно дури за два реда патлиџани).
Има една земја на Балканот, каде после 7 не можеш да купиш пиво, пошо и прохибицијата ни е прохибиција ама не баш, како и се останато.
Има една земја на Балканот, во која за прваците во натпревари по математика никој ништо не зборува, ама ако си министер кој се зачукал некаде со службено возило, тогаш новинари ќе прават и полчасовни прилози за да те оправдаат.
Има една земја на Балканот, со најубавата музика, ама ретко може да се чуе на тв, бидејќи термините се зафатени за турски серии и странски турбофолк емисии.
Има една земја на Балканот, во која тие што се бореле за нејзината независност се нарекуваат „слуги на туѓи држави“, а слугите се нарекуваат херои, кои ја изградиле земјата од ништото.
Има една земја на Балканот, каде воените ветерани се осудувани да ја вратат добиената оштета за инвалидитет, а терористите и воените профитери се стават на највисоки функции.
Има една земја на Балканот, каде сите разбираат од политика, фудбал и меѓународни политички односи. Има една земја на Балканот, каде на месен нарезак и на пиво (од стакло) се разринкуваат сите светски заговори на Ротшилдови, Рокфелерови, Масоните, Илуминатите и Темпларите.
Има една земја на Балканот, каде можеш ради некој твој ситен личен интерес да повикуваш на војна, а потоа да се правдаш со глобалното затоплување, со тврдењата дека земјата е тепсија, носена од желка или пак со фактот дека си загрижен за психичката состојба на женската свиња пред и по периодот за парење.
Има една земја на Балканот, каде „луѓе“ чепкаат во коските на загинати војници, само за да добијат пофалба за доброто служење кај Нечистивиот.
Има една земја на Балканот, за која не вреди ни ноктите да си ги исечеш, а не пак да умреш.
Има една земја на Балканот, што и покрај се си останува најубавата и не смееме да дозволиме да ја снема. Едноставно не смееме!!!