„Денес од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до Основно јавно обвинителство – Скопје, а врз основа на предгледани видео записи добиени од медиумски куќи, како и видео записи од безбедносните камери во Собранието на Р.Македонија, поднесе ново Известување со кое се дополнува претходно поднесената кривична пријава против 15 лица за настаните случени на 27.04.2017 година во Собранието на Р.Македонија, притоа кривично пријавувајќи уште пет лица за кои постојат основи на сомневање дека извршиле кривично дело “Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по чл 385 од КЗ на РМ.
Кривично пријавени се лицата Д.П. (33) од Скопје, Т.Т. (53) од Куманово, В.Т. (40) од Скопје, И.С. (44) од Велес и В.Ц. (33) од Скопје, кои со употреба на физичка сила, насилно влегле во Собранието во време кога се одржувала прес конферецијата за избор на претседател на Собрание при што со употреба на физичка сила и закани сториле насилства спрема луѓе и оштетиле имот.
Имено, откако пријавените влегле во салата 3 во Собранието на Република Македонија, И.С. со фантомка на главата упатувал закани и пцовки кон присутните со што кај нив предизвикал страв и загрозеност, по што ја извадил фантомката и не преземал други дејствија, Т.Т. со тупаници ги нападнал пратениците и фрлал со тврди предмети кон нив и нивното обезбедување, В.Т. со лакт ја удрил пратеничката Р.Ш. во пределот на грбот, а со ПП Апарат прскал дел од пратениците кои биле во близина на лифтовите. Пријавениот В.Ц. кон претседателот на СДСМ упатувал пцовки и закани, притоа употребувајќи разни заканувачки гестикулации, а Д.П. со тупаница го нападнал пратеникот А.Г., а навредувал и други пратеници и присутни.
Секторот за внатрешни работи Скопје во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки и активности со цел идентификување и документирање и на други лица учесници во настаните случени на 27.04.2017 во Собранието на Р.Македонија, за што јавноста дополнително ќе биде известена“ се вели во соопштението на МВР.