Професорот на ПМФ и поранешен министер за образование во владата на Георгиевски, Ненад Новковски, високо го оценува повикот на Македонската православна црква да се изостави примитивниот и нерационален обичај на големи огнови на отворено, независно од неговото потекло. Тој смета дека Македонија е земја којашто треба да биде препознатлива по своето следење на најзначајните придобивки од секој период, тргнувајќи од просветителство до следењето на високите технологии во 21. век.
Професорот Новковски се огласи на фејсбук по повод последните повици на МПЦ, но и по јавно искажаниот став на Отец Пимен, кој претходно преку фејсбук статус ги обвини владиците дека ја нарушуваат долгогодишната традиција меѓу народот на овој ден, порачувајќи дека поповите не се тие кои треба да им кажат на граѓаните како да го слават Бадник.
„Некои за да си придадат значење од позиција на високо црковно раководство изјавуваат – ‘Кои сме ние да ви кажеме како да славите Бадник?’ Тоа е исто како централните одбори на партиите да кажат: Кои сме ние да ви кажуваме за кого да гласате“, истакна Новковски, на својот фејсбук профил.