Новоизбраниот претседател на Собранието, Талат Џафери денеска одржа средба со еврокомесарот за добрососедска политика и проширување, Јоханес Хан.
На средбата, еврокомесарот порачал дека македонскиот законодавен дом сега треба непречено да работи и повикал сите пратеници да имаат конструктивна улога, без провокативни изјави и активности.
„Парламентот сега мора непречено да работи. Сите пратеници вклучувајќи ја и опозицијата се очекува да бидат конструктивни, а не да имаат опструкциска улога, и сите актери да се воздржуваат од провокативни изјави и активности. Парламентот мора да биде форум за дебата за сериозните предизвици со кои се соочува земјата и да ги овозможи потребните гаранции за напредување на земјата во интерес на сите граѓани и заедници“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Хан.
Тој нагласил дека сега е многу важно да се формира влада во согласност со Уставот и демократските процеси.
На средбата еврокомеасарот Хан ја повторил силната осуда на, како што стои, смислени напади на паралментарците и новинарите во Парламентот. Предупредил дека секое повторување на вакви акти може сериозно да ја загрози европската перспектива на земјата.
Инаку, претседателот Џафери е во прва официјална посета на Брисел на покана на првите луѓе на ЕУ и на ЕП.