„Колектив Ветерница“ во соработка со Музејот на современа уметност денеска во музејот ќе ја одржи шестата работилница – уметничка лабораторија „Креативна сложувалка“. Специјален гостин и едукатор ќе биде дипломираниот ликовен уметник Ана Ивановска.
Станува збор за ликовна креативна работилница за деца на возраст од пет до 10 години, чија цел е преку игра и забава да го поттикне креативниот развој и фантазијата кај децата и да ги воведе во светот на уметноста.
„Преку прошетка низ Музејот, малите уметници ќе го истражуваат отворениот и затворениот простор каде што секое дете може да ја избере неговата инспирација за својот цртеж – опкружувањето на Музеј на современа уметност и прекрасниот поглед од Калето кон градот или внатрешната поставка на Музејот со омиленото уметничко дело. Како нов предизвик овојпат ќе биде играта со пастел: децата ќе истражуваат и учат какви сѐ комбинации на нијанси и текстури ни открива и овозможуваа оваа ликовна техника, соопшти „Колектив Ветерница“ за работилницата за која е потребно претходно пријавување.
Организаторот четири години активно ја негува перформативната уметност која, како што нагласува, е основна алатка за раст и развој на деца и млади.