fbpx
17.8 C
Skopje

МОСТ: Доделени мали грантови на локални организации за застапување и истражувачко новинарство

АКТУЕЛНО

Во рамки на проектот „Медиа платформа за застапување“, имплементиран од страна на Граѓанската асоцијација МОСТ, беа доделени 3 мали грантови за спроведување на заеднички кампањи за застапување на граѓански организации и новинари во североисточниот, вардарскиот и полошкиот плански регион.

„Целта на повикот беше да ги поттикне граѓанските организации и новинарите да работат заеднички на развој и спроведување на кампањи за застапување кои таргетираат прашања кои произлегуваат од локалните заедници, а се од важност за пристапувањето кон ЕУ.“

Организациите Ековита од Неготино, Цивис од Куманово и Здружение за церебрална парализа од Тетово во соработка со локални медиуми, добија финансиска поддршка да спроведат проекти во времетраење од 6 месеци во соодветните региони, на теми поврзани со заштитата на животната средина и човековите права.

Финансиската поддршка има за цел да ја поттикне соработката помеѓу граѓанските организации од една страна и новинарите/медиумите од друга страна, кои преку креираните партнерства и соработка треба да ги надградат своите капацитети и да придонесат во развојот на истражувачкото новинарство во Република Македонија. Ова се првите мали грантови кои ќе бидат доделени, а во рамките на проектот е предвидено да се доделат уште 7 грантови за застапување на локални организации и медиуми.

Целта на проектот Медиа платформа за застапување е да се даде придонес кон овозможувачка околина за квалитетно истражувачко новинарство и зајакнување на соработката меѓу медиумите и граѓанските организации за зголемување на нивното влијание врз јавните политики и процесот на донесување одлуки.

До сега во рамки на проектот беа одржани 3 обуки во Вардарскиот, Североисточниот и Полошкиот регион на кои учествуваа повеќе од 70 учесници, кои во рамките на 4 дена се запознаваа основите на застапувањето и истражувачкото новинарство, а преку практични примери и вежби се запознаа детално со чекорите во процесот на застапување и креирање на една истражувачка сторија. Истовремено, во рамките на 4те дена беше потенцирана и потикната потребата за нивна постојана меѓусебна соработка со цел решавање на проблемите на граѓаните од локалните заедници.

На обуките беше промовирана и платформата www.getdata.mk, која претставува алатка за новинари и граѓански организации кои работат на истражувања поврзани со корупцијата и владеењето на правото.

Следната регионална обука ќе се одржи во Скопскиот регион, за која сеуште е отворен повикот за пријавување.

Проектот „Медиа платформа за застапување“ е финансиран од Европската Унија, преку преку ИПА програмата за граѓанското општество и медиуми 2014“ известуваат од МОСТ.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -