fbpx
-3.2 C
Skopje

Средба Џафери – Бејли: Изборот на спикер на Собранието е прв чекор кон стабилизација на ситуацијата, следен е формирање Влада

АКТУЕЛНО

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска имаше одделни официјални средби со амбасадорот на САД Џес Бејли и со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

Амбасадорот Бејли, како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, му упатил честитки на Џафери за изборот на функцијата претседател на Собранието, како прв и мошне важен чекор во консолидација и стабилизација на политичката ситуација во Република Македонија. За остварување на таа цел, кажал Бејли според соопштението, Амбасадата на САД координирано работи заедно со Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, бидејќи од непроценливо значење, за иднината на државата, се активностите што ќе следат.

„Како следен од низата многу важни чекори за иднината на Република Македонија, амбасадорот Бејли го истакна формирањето на новата Влада, при што претседателот на Собранието, Џафери го информираше за преземените чекори во таа насока, за процедурата пропишана со Уставот, Законот за Собрание и Деловникот, подвлекувајќи дека тој е должен да ги спроведе и одговара за сите негови ингеренции откако ќе му биде доставен Предлог за состав на Влада и Програма за работа на истата.

Двајцата соговорници  размениле мислења и за други актуелни и сензитивни прашања поврзани со немилите настани од 27 април, за новонастанатите околности и одредени перцепции по преземањето на функцијата претседател на Собранието, за модалитетите на нивното решавање и надминување, како и за местото, улогата и дејствувањето на сите државни институции, особено трите највисоки, во наредниот период.

Притоа беше изразено очекување дека и кај двете страни ќе преовлада чувството на висока политички свест и одговорност над одредени наметнати или испровоцирани состојби, за да се смират тензиите и мирно би се трасирал патот за воспоставување на демократските процеси во државата

За време на разговорот особен акцент бил ставен на очекувањата и на сите граѓани, како и на меѓународната заедница, Република Македонија, како што се наведува, што побрзо и што поквалитетно да продолжи на патот кон Европската унија и НАТО, при што беше истакната безрезервната поддршка на САД на овој план.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на средбата исто така му го честитал изборот на Џафери. Притоа, според собраниското соопштение, Тимоние рекол дека со овој чекор ќе започне низата од следни чекори кон конечно формирање на новата влада, како врвен демократски израз на мнозинството од граѓаните на Република Македонија.

„Соговорниците споделија свои видувања и за евентуалните непосакувани чекори во оваа смисла, при што господинот Џафери го реафирмираше својот став дека местото за дебата и за соочување на политичките ставови и мислења е Собранието на Република Македонија, бидејќи тој е легитимен орган на граѓаните на Република Македонија, а сите останати ставови искажани од претставници на високи државни институции не смеат да бидат пречка за конечно заокружување на веќе започнатите демократски процеси, кои се без алтернатива. Во таа насока, процедурата за избор на нова Влада ќе претставува почеток на реализација на ингеренциите на новиот претседател на Собранието, врз основа на Уставот, законите и Деловникот на Собранието“, стои во соопштението.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -