Македонскиот кошаркарски шампион, тимот на МЗТ Скопје утрово полета кон Загреб, каде утре ќе ги одмери силите со тимот на Цибона во рамките од 17. коло во регионалната АБА лига.
„Металците“ кон Хрватска требаше да заминат вчера, но поради лошите временски услови, тие неколку часа останаа на аеродромот „Александар Велики“, по што подоцна беа принудени да се вратат назад.
Утрово избраниците на Анте Назор, сепак, заминаа кон Хрватска, каде вечерва ќе го одржат и предвидениот тренинг. Хрватскиот стратег нема да може да смета на услугите на Стефан Синовец, кој заработил повреда на еден од последните тренинзи.
И натаму повреден е Јуре Лалиќ, кој има скршеница на носот. Во тимот ќе се вратат Стојан Ѓуроски и Даниел Кларк, но и двајцата ќе бидат под знак прашалник за оваа средба.