6.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Во Велес на 9 и 10 јуни ќе се одржи културната манифестација „Рацинови средби“

Во Велес, градот на поетот и револуционер Коста Солев Рацин и годинава во негова чест по 52 – ри пат на 9 и 10 јуни ќе се одржи културната манифестација „Рацинови средби“.

Директорот на манифестацијата Васил Зафирчев на денешната прес-конференција информира дека здружението на граѓани ФАД „Стоби“ и годинава од општина Велес доби надлежност за организатор на манифестацијата.

– Годинава, за разлика од лани, програмата ќе биде со поголем број настани на затворено и помалку на отворено во Велес, кои со околу 650 илјади денари ги финансира Министерството за култура и општина Велес. Во официјална конкуренција по конкурсот за наградата „Рациново признание“ за 2017 рекордно се пристигнати дваесет прозни книги од повеќе автори и издавачи, а објавени меѓу две рацинови средби, рече Зафирчев.

Жири комисијата за изборот на најдобра книга ќе заседава на 3 јуни, а добитникот на „Рациновото признание“ за 2017 ќе биде соопштен на 5 или 6 јуни.

За наградата „Антологија на болката“ за 2017 за љубовна поезија на млад автор за необјавена дебитанска прозна книга, годинава конкурирале 14, а се прифатени 13 млади автори од земјава. ИК „Култура“ ќе ја објави најдобрата стихозбирката и таа ќе се промовира на „Рациновите средби“ и ќе му биде врачена наградата на добитникот.

Зафирчев информира дека конкурсот за наградата „Напиши љубов во 140 карактери“ на твитер ќе биде распишан до крајот на мај. Како новина на манифестацијата „Рацинови средби“ место избор на девојка – средношколка за муза на Рацин како што беше изминатите две години, годинава ќе има перформанс „Азбучарење по Рацин“.

– Почнувајќи од денеска, од првата буква на азбуката, од буквата А па до крајот на „Рациновите средби“ секој ден млади и деца од градинките од Велес ќе промовираат по една буква поврзана за творештвото на Рацин. Овој перформанс ќе испрати убава порака и за македонската азбука и за македонското кирилско писмо на кој почива нашиот јазик и севкупната македонска книжевност и што несомнено е главна муза на творештвото на Рацин, како најсветла точка меѓу поетските писателски ѕвезди на македонското небо и основоположник на македонската литература и севкупна книжевност, потенцира Зафирчев.

За буквата А денеска ќе се промовира необјавениот роман на Рацин „Афион“. Во рамки на 52. Рациновите средби и годинава на Спомен- костурницата каде почива Рацин ќе се одржи беседа за Рацин, а во новиот театар ќе се одржи уметничкиот перформанс „Азбучарење по Рацин“.

Дел од наградите ќе бидат доделени на отворањето, а Рациновото и почесното Рациново признание за 2017 на затворањето на 52. „Рациновите средби“.

поврзани објави

Последни објави